Англискиот премиерлигаш и учесник во четврт-финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) Тотенхем, наводно, е подготвен да издвои 20 милиони евра за трансферот на македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас (19), пренесува турски „Супер хабер ТВ“.
Како што пренесуваат медиумите, 19-годишниот Македонец со турско потекло е вистински талент, кој навистина ги импресионирал скаутите со настапите за Фенербахче.
Од друга страна, се шпекулира дека „белите“ од Лондон мораат да го засилат нивниот среден ред, бидејќи останаа без Муса Дембеле, кој во јануари се пресели во Кина, додека се очекува дека и Кениецот Виктор Ванајама ќе го напушти клубот.
– Елмас веројатно е вистинскиот избори за Тотенхем, кој досега има пет настапи за репрезентацијата на Македонија и изгледа ги поседува вистинските квалитети кои се неопходни за прилагодување во тактиката на Маурисио Покетино – пишуваат медиумите.
Турските медиуми посочуваат дека Елмас би можел да се соочи со проблеми во Премиер-лигата која бара силни физички предиспозиции и подготвеност на врвно ниво, иако е технички поткован и има одлично чувство за додавање.
– Трансферот на Македонецот за само 20 милиони евра би било одлична зделка за Тотенхем – констатираат медиумите.
Италијанскиот интернет-портал „Калчомеркато“ неодамна пренесе дека покрај Тотенхем, актуелниот европски првак, шпански Реал Мадрид и италијански Лацио се меѓу клубовите што се заинтересирани за трансфер на македонскиот репрезентативец Фенербахче.
Елмас, кој е проценет на 7,5 милиони евра од сајтот специјализиран за вредностите на фудбалерите „Трансфермаркт“, сезонава игра одлично за Фенербахче, а имаше и импресивни настапи за македонската репрезентација.