Ризикот е на играчот, не на другите на теренот, така што тоа е индивидуална одлука, која играчот ја носи со поддршка и совет од оние што се одговорни за неговата лична медицинска благосостојба, велат од ФА

ФУДБАЛ

Данецот Кристијан Ериксен, фудбалерот од средниот ред на Интер, би можел да ја продолжи кариерата во Англија, во Премиер-лигата, доколку ја помине процената од спортски кардиолог што дејствува во име на Фудбалската асоцијација (ФА).
Ериксен (29) не игра откако доживеа срцев удар на мечот Данска – Финска во Копенхаген, на 12 јуни годинава, на отворањето на Европското првенство (ЕП). Шест дена подоцна, на поранешниот играч од средниот ред на Тотенхем му беше вграден кардиовертер-дефибрилатор, еден вид пејсмејкер, што го спречува да игра во Италија, каде што спортистите не смеат да се натпреваруваат со вграден срцев дефибрилатор, според протоколот од 2017 година.

– Што се однесува до играњето на Ериксен во Англија, невозможно е да се коментираат индивидуални околности без знаење за неговата состојба и за ризиците поврзани со тоа. Секоја процена би била на индивидуална основа – изјави портпаролот на ФА.
Во Англија, секој играч што развива срцев проблем мора да биде проценет од спортски кардиолог.
– ФА нема да му забрани некому да игра поради срцевите наоди. Ризикот е на играчот, не на другите на теренот, така што тоа е индивидуална одлука, која играчот ја носи со поддршка и совет од оние што се одговорни за неговата лична медицинска благосостојба. Во Италија постои долгогодишна политика за кардиолошки скрининг на национално ниво, која се однесува на сите спортисти и не дозволува учество во случај на зголемен ризик од ненадеен срцев удар за време на вежбањето. Ова не е усвоено во други земји, вклучувајќи и во Велика Британија – велат од ФА.