Разгледуваме како да го сториме тоа со гледачи, без гледачи, или со 30, 50 или 70 проценти од капацитетот на стадионите. Теоретски, можеме ЕП да го одржиме во 12 земји, во 11, во 10, во три или во една, рече Чеферин, кој вели дека идејата за одржување на ЕП низ континентот е „симболично убава работа, но не е лесна задача за нас, дури и без пандемијата“

ФУДБАЛ – АЛЕКСАНДЕР ЧЕФЕРИН, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УЕФА

Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Словенецот Александер Чеферин (53), вели дека е оптимист оти Европското првенство (ЕП), одложено за 2021 година, може да се одржи со гледачи на стадионите низ Европа во јуни, но признава и дека се разгледуваат неколку сценарија поради пандемијата на ковид-19, ја пренесува агенцијата „Франс прес“ неговата изјава дадена за германскиот ТВ-оператор АРД.
– Во моментов го планираме ЕП точно онака како што сакаме да биде. Во февруари ќе ви кажев дека шампионатот летово ќе се одвива нормално, на полни стадиони, но сѐ се смени за еден месец. Ако ме прашавте во февруари дали сум подготвен за пандемија што ќе го запре светот, ќе ви речев дека сте луди. Но сега сме добро подготвени, попаметни сме и посилни од лани, бидејќи знаеме дека сѐ може да се случи – одговори Чеферин на прашањето дали ќе има гледачи на натпреварите во 12-те земји-домаќини на ЕП, и покрај тоа што бројката на позитивни тестови на ковид-19 се зголемува низ цела Европа.

Чеферин додаде дека како мерка на претпазливост, УЕФА е „добро подготвена“ да примени неколку различни сценарија за финалниот турнир, кој би требало да се одржи од 11 јуни до 11 јули 2021 година. Тој вели дека турнирот може да одржи и на помалку од 12 стадиони, нагласувајќи: „Во моментов не размислуваме за тоа, но можеме да спроведеме различни работи“.
– Разгледуваме како да го сториме тоа со гледачи, без гледачи или со 30, 50 или 70 проценти од капацитетот на стадионите. Теоретски, можеме ЕП да го одржиме во 12 земји, во 11, во 10, во три или во една земја – вели Чеферин.
Тој вели дека идејата за одржување ЕП во земји и на стадиони низ континентот е „симболично убава работа, но не е лесна задача за нас, дури и без пандемијата“.
– Се наоѓаме пред голем предизвик, но сигурен сум дека ЕП ќе се игра в година – рече Чеферин.
Финален турнир низ Европа беше идеја на неговиот претходник Мишел Платини, но Чеферин вели дека „повторно не би поддржал такво нешто“.