За денеска УЕФА закажа видеоконференција со претставници на 55-те земји-членки, со претставници на Европската клупска асоцијација, како и со претставници на Унијата на професионални играчи на која, меѓу другото, ќе се разговара за евентуалното одложување на ЕП 2020, за следната година. Во меѓувреме, Италијанската фудбалска федерација на чело со претседателот Габриеле Гравина повика на одложување на ЕП 2020

Запре фудбалот во Европа, а и во голем дел од светот. Она што изгледаше неверојатно, незамисливо и што во минатото се случуваше само во исклучителни ситуации, како што беше Втората светска војна, сега го предизвикаа пандемијата на коронавирусот. Фудбалските асоцијации и владите на многу земји немаа друг избор освен да ги прекинат првенствата и на тој начин да се обидат да го запрат ширењето на вирусот.
Реагираше и Европската фудбалска унија (УЕФА), која ги одложи реваншите од осминафиналето во Лигата на шампионите (ЛШ), закажани за денеска и за утре, и сите осминафинални во Лига Европа (ЛЕ), закажани за четврток. Поради тоа е одложена и петочната ждрепка за четвртфиналните дуели. За денеска УЕФА закажа видеоконференција со претставниците на 55-те земји-членки, со претставници на Европската клупска асоцијација (ЕКА), како и со претставници на Унијата на професионални играчи ФИФПро. Теми за дискусии се националните шампионати, европските клупски натпреварувања, ЛШ и ЛЕ, како и евентуалното одложување на ЕП 2020 (треба да се одржи од 12 јуни до 12 јули), за следната година. Тука, во тој контекст, би требало да се одлучи и за плејоф-мечевите за пласман на ЕП 2020, закажани за 26 март, во кој треба да игра и Македонија.

Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ), на чело со претседателот Габриеле Гравина, повика на одложување на ЕП 2020, за завршување на сезоната во Серија А, која до 3 април е суспендирана поради коронавирусот. Тројца играчи, Даниеле Ругани, Маниоло Габиалдини и Патри Кутроне, беа позитивни на коронавирусот. Гравина се надева дека лигата би можела да заврши до 30 јуни, еден месец подоцна од предвиденото, но призна дека би можела да биде продолжена за уште еден месец затоа што играчите не тренираат во моментот. Од ФИГЦ претходно соопштија дека постои опасност сезонава во Серија А да не биде комплетирана и понудија алтернативи, вклучително и плејоф, непрогласување шампион или крај според тековната позиција на табелата.
Хавиер Тебас, претседателот на шпанската Ла лига, чии натпревари, исто така, се суспендирани до 3 април, изјави дека е „убеден“ оти сезоната ќе заврши иако Реал замина во карантин, а петмина играчи и други лица на Валенсија беа позитивни на коронавирусот.

Шпанија е втора најтешко погодена земја во Европа, по Италија. Во Англија, Премиер-лигата ќе паузира најрано до 3 април, а за наредните денови се закажани нови состаноци на кои ќе се дискутира за тоа како би завршила сезоната. Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, и крилниот напаѓач на Челси, Калум Хадсон-Одои, беа позитивни, а во самоизолација се повеќе тимови. Лидерот Ливерпул има 25 бода повеќе од Манчестер сити на девет кола до крајот на сезоната и потребни му се уште шест бода за освојување на титулата.
Во Германија, натпреварите во Бундес-лигата беа суспендирани до 19 март, но тоа ќе се одложи до 2 април. Во Франција, натпреварите во Лига 1 се одложени на неопределено време и ќе продолжат во зависност од развојот на ситуацијата. Во Македонија првенството е запрено на неодредено време итн. 


Завршницата на Лигата на шампионите
и на Лига Европа на четиридневен мини-турнир?

Според некои претпоставки во градовите-домаќини на финалињата во ЛШ и во ЛЕ, Истанбул, односно Гдањск би се играле двата полуфинални меча и финалето

Покрај веќе извесното одложување на Европското првенство (ЕП) за следната година, на денешната видеоконференција на УЕФА ќе се разгледуваат повеќе опции за нокаут-фазата во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ). УЕФА се соочува со низа невидени околности. Дали е подготвена да се справи со предизвиците ќе стане очигледно во наредните месеци, пишува англискиот „Индепендент“.

Според некои претпоставки, станува збор за мини-турнири во градовите-домаќини на финалињата во ЛШ и во ЛЕ, Истанбул, односно Гдањск со одигрување на двата полуфинални меча и на финалето за четири дена. Идејата е дека со таквата разврска би останало повеќе време за завршување на домашните лиги, но сомнежите се дали е можно натпреварите да продолжат според планираното и да завршат до крајот на мај? Тука постои уште еден проблем за УЕФА. Квалификациите за пласман во ЛЕ за идната сезона треба да почнат во јуни, а за ЛШ во јули. УЕФА е подготвена да им даде упатства на земјите-членки за можните решенија, за потенцијалните методи за завршување на сезонава и за датумите за почнување за следната кампања, но не може да им диктира што да прават, пишува „Индепендент“.

Првиот чекор би бил наоѓање можен датум за почеток на следната сезона. Едно од стравувањата е дека различни лиги во Европа би почнале да се водат според нивниот календар, откако влијанието на епидемијата ќе опадне. За ова не се очекува одлука денеска, а моментната ситуација на УЕФА ѝ остава простор за решавање на проблемот. Во заднина се и претстојните реформи во ЛШ. Измените треба да се спроведат во 2024 година, но требаше да бидат финализирани годинава, за да знаат ТВ-компаниите вклучени во аукцијата за што би наддавале. На денешниот состанок се очекуваат различни дискусии, но главниот приоритет е да се најде начин како да се заврши сезоната. 

 


Откажано и отворањето на Куќата на славните

Инаугуративната церемонија на прием во фудбалската Куќа на славните во англиската Премиер-лига, закажана за четврток, е откажана поради пандемијата на коронавирусот. Двајца фудбалери требаше да бидат примени во „куќата“ на пригодната церемонија во Лондон, за кога беше предвидено и објавување на списокот на номинирани кандидати за идното издание, 2021-та.

Премиер-лигата допрва требаше да ги објави имињата на првите лауреати, како и на новономинираните. Основањето на Куќата на славните, Премиер-лигата го најави минатиот месец. Кандидатите мора да бидат пензионирани фудбалери и при изборот предвид се земаат само нивната кариера и постигнувањата во Премиер-лигата. Слична куќа на славните во англискиот фудбал постои од 2002 година и е сместена во Националниот музеј за фудбал во Манчестер.