Овие репрезентации меѓу себе одиграа повеќе незаборавни натпревари, зачинети со (не)признаени голови, многу возбудувања, промашени пенали, солзи… Во едно од најголемите ривалства во меѓународниот фудбал, на ред е осминафиналниот меч на ЕП 2020, на стадионот „Вембли“
Едно од најголемите ривалства во меѓународниот фудбал ќе биде обновено утревечер, кога на стадионот „Вембли“ во Лондон ќе се сретнат Англија и Германија, во осминафиналето на Европското првенство (ЕП) 2020. Овие репрезентации меѓу себе во минатото одиграа неколку епски натпревари, меѓу кои се финалето на Светското првенство (СП) во 1966 година, полуфиналето на СП 1990, полуфиналето на ЕП 1996 итн. Германците се поуспешни, забележаа 15 победи, 13 порази, со четири ремија, пишува агенцијата Асошиејтед прес (АП).
Незаборавно е финалето на СП во 1966 година на „Вембли“ што го добија Англичаните со 4-2 и ја освоија првата и досега единствена титула светски првак. Од тој меч тема на расправа уште е третиот гол на Англија што го постигна Џеф Харст, односно за тоа дали топката ја поминала гол-линијата по неговиот удар. За судијата Готфрид Динст и за англиските фудбалери тоа беше гол, за Германците, јасно, не.
На СП 1970 во Мексико, Западна Германија ѝ се реваншира на Англија и ја елиминира во четврт-финалето победувајќи ја со 3-2. Победничкиот гол го постигна Герд Милер во продолжението, за прва победа на Германците над Англичаните на официјален меч.
Во полуфиналето на СП 1990 во Италија, по 120 минути игра беше 1-1 и мораше да се изведуваат пенали. Пол Гаскоњ плачеше кога доби жолт картон (втор) затоа што немаше право да игра во финалето, пишува АП. Ударите на Стјуарт Пирс и на Крис Водл наместо во мрежата завршија над гредата, што значеше победа на Германците со 4-3 и пласман во финалето, во кое ја победија Аргентина со 1-0 и третпат станаа светски прваци.
На ЕП 1996, домаќинот Англија во полуфиналето играше против Германија. По голема борба и по 120 минути игра, одново, како и во 1990 година, беше 1-1. Актуелниот селектор на Англија, Герет Саутгејт, го промаши решавачкиот удар од белата точка, Германија победи со 6-5, потоа стана и европски првак победувајќи ја Чешка.
Во 2001 година, во Минхен, Англија колку-толку ѝ се реваншира на Германија победувајќи ја со 5-1 во квалификацискиот натпревар за пласман на СП 2002.
Последниот важен дуел помеѓу овие две селекции беше во осминафиналето на СП 2010 во Јужна Африка, во кој беа постигнати пет гола, го добија Германците со 4-1, но мечот се памети и по гол што не се смета. Англија беше во негатива, со 0-2, по што не ѝ беше признаен регуларен гол. Силниот удар на Франк Лампард од работ на шеснаесетникот заврши во пречката, по што топката се одби зад гол-линијата, тоа јасно го покажаа и телевизиските повторувања. Но судијата само одмавна со раката, а играта продолжи. Тој непризнаен погодок го смени фудбалот со воведувањето на технологијата за гол-линија, четири години подоцна на СП 2014 во Бразил, пишува АП.
Англичаните се подготвуваат и за пенали
Џон Стоунс, центархалфот на Англија, вели дека тој и неговите соиграчи се подготвени за пенали на натпреварот против Германија во осминафиналето на фудбалското Европско првенство (ЕП), ако тоа биде потребно. Англија никогаш не победила во нокаут-натпревар на Европско првенство (ЕП) по 90 минути игра, а загуби од Германија на пенали во полуфиналето на ЕП 1996. Герет Саутгејт тогаш го промаши клучниот пенал, а Англија загуби со 5-6.
– Вежбавме пенали, за да го задржиме фокусот на тоа што да правиме ако дојде до такво нешто – изјави Стоунс.
На Светското првенство (СП) во 2018 година Англија го „разби малерот“ елиминирајќи ја Колумбија на пенали.
– Јас бев седми на ред за шутирање. Тоа беше застрашувачки момент. Но бев подготвен, бидејќи разговаравме околу тоа како да се чувствувате што е можно поудобно во таа ситуација. За повеќето од нас тоа е зона во која претходно не сме зачекориле – вели Стоунс.