Со победа над Салцбург (и Ливерпул да не загуби од Генк) вечерва тимот од Неапол на две кола до крајот на групната фаза ќе се пласира меѓу 16-те најдобри во ЛШ сезонава
Во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал, утре и задутре ќе се играат мечевите од четвртото коло, кои може да бидат решавачки за некои тимови во поглед на шансите за прогрес во нокаут-фазата или, пак, за продолжување на европската сезона во утешната Лига Европа (за третопласираните).
Од многуте натпревари, вкупно 16 во осумте групи, најголемо внимание кај македонските љубители на фудбалот привлекува мечот Наполи – Салцбург во групата Е, поради италијанскиот тим за кој настапува македонскиот репрезентативец Елиф Елмас (20). По трите кола Наполи е првопласиран на табелата со седум бода и со вечерашен триумф (и Ливерпул да не загуби од Генк) ќе се квалификува меѓу 16-те најдобри во осминафиналето.
Елмас има шанса да биде првиот македонски интернационалец што ќе игра во осминафиналето на ЛШ по сезоната 2011/2012. Наполи во првиот меч сезонава го совлада со 3-2 на гости Салцбург, кој игра напаѓачки и на претходните три меча постигна 11 гола (Ерлинг Браут Холанд постигна шест), само два помалку од рекордните 13 на Баерн.
Тренерот на Наполи, Карло Анчелоти, има доверба во Елмас, бидејќи тој доби шанса на минатите три меча во ЛШ. Против Ливерпул (2-0) и против Салцбург (3-2) влезе во игра во финишот од мечевите, а против Генк (0-0) беше стартер и играше 58 минути.
Во групата Ф интересен меч се очекува во Дортмунд, помеѓу Борусија и Интер (во Милано пред две недели Интер победи со 2-0). Двата тима имаат по четири бода, три помалку од Барселона и немаат право на кикс, односно пораз што драстично би им ги намалил шансите за пласман понатаму.
Возбудувања се очекуваат и на стадионот „Стамфорд бриџ“ во Лондон каде што Челси го пречекува Ајакс (имаат по шест бода) кого во минатото коло на гости во Амстердам го совлада со 1-0.