Во финалето во Рим, Наполи го совлада Јувентус со 4-2 на пенали
Македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас го освои Купот на Италија со Наполи, победувајќи го Јувентус во финалето на празниот стадион „Олимпико“ во Рим, со 4-2, на пенали, откако во регуларните 90 минути немаше голови. Елмас влезе во игра во финишот од мечот и во 90-та минута не искористи голема шанса за гол.
За Наполи ова е шести куп-трофеј, прв по шестгодишна пауза, и прв за Џенаро Гатузо како тренер, откако претходно, како играч, беше светски првак, победник во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Серија А, со Милан. Неговиот колега Маурицио Сари од Јувентус и поранешен тренер на Наполи ќе мора да причека на првиот трофеј во домашна конкуренција во 30-годишната кариера. Победничкиот гол за Наполи го даде Полјакот Аркадиуш Милик, откако Пауло Дибала и Данило не беа прецизни од ударите од белата точка за Јуве.
Кристијано Роналдо првпат во кариерата загуби две финалиња едноподруго, првото лани во декември од Лацио, во Суперкупот на Италија.
На 17 јуни кога се играше куп-финалето, на „Олимпико“ требаше да се одигра мечот Италија – Швајцарија во рамките на Европското првенство (ЕП) 2020, кое поради пандемијата на коронавирусот е одложено за следната година.