Според „Форбс“, вредноста на Реал изнесува 4,08 милијарди, а на Барселона 4,06 милијарди долари
Барселона – Реал, „Ел класико“, дуел меѓу двата најдобри, најпопуларни, најбогати и што уште не, фудбалски клубови во светот. Вчера попладне на „Ноу камп“, тие го одиграа 177-то првенствено дерби (вкупно 272) првпат по десетина години без Лионел Меси (повреда) и без Кристијано Роналдо (замина во Јувентус). Реал е за нијанса поуспешен со 95 победи наспроти 92-те на Барса (до вчера) со 50 ремија. Во Ла лига односот беше 72-70, со 34 нерешени за Реал.
„Ел класико“ од вчера е првиот натпревар во историјата на спортот вреден над осум милијарди долари. Според „Форбс“, вредноста на Реал е 4,08 милијарди, а на Барселона 4,06 милијарди долари. Овие два клуба се на третата и на четвртата позиција на листата на најбогати спортски клубови, зад Манчестер јунајтед (4,12 млд.) и зад Далас каубојс, НФЛ (4,8 млд. долари).
Реал и Барселона се „класа“ во фудбалскиот спорт, за што постојат несоборливи докази. Двата клуба (Реал и Барселона) ја освојуваа титулата во шпанската Ла лига 13 пати од изминатите 14 сезони (еднаш триумфира Атлетико).
Тие доминираа и во европскиот фудбал минатата деценија, освојувајќи седум од 10 титули, а Реал е првиот со три последователи триумфи во ерата на Лигата на шампионите (ЛШ).
„Ел класико“ секогаш е посебен натпревар, со многу моменти на брилијантност од плејада врвни играчи што остануваат во сеќавањата на генерации љубители на фудбалот на глобално ниво. На мечот лани во април, на „Сантијаго Бернабе“. кога Меси го постигна победоносниот гол во судиското продолжение, радувајќи се го соблече дресот пред навивачите, но и пред 650 милиони луѓе во185 земји низ светот што го гледаа натпреварот на ТВ.