Од УЕФА најавија дека во вторник ќе одржат видеоконференција со претставниците на 55 земји-членки, како и со претставници на здружението на врвните клубови и на најголемите синдикати на играчи, за „да разговараат за одговорот на европскиот фудбал за појавата на коронавирусот“
Ширењето на коронавирусот сѐ повеќе влијае врз секојдневниот живот на луѓето во светот, а исклучок не се ниту спортот и фудбалот. Мерките што се преземаат во моментов се далеку од униформни и останува само надежта дека владите и фудбалските власти ќе ги почитуваат советите на експертите и одлуките ќе се засновуваат размислувајќи повеќе за јавното здравје отколку за комерцијалните работи.
Од УЕФА најавија дека во вторник ќе одржи видеоконференција со претставниците на 55 земји-членки, како и со претставници на здружението на врвните клубови и на најголемите синдикати на играчи, за „да разговараат за одговорот на европскиот фудбал за појавата на коронавирусот“.
– Одлуките ќе се однесуваат на сите домашни и европски натпреварувања, вклучувајќи го и Европското првенство годинава – објави Фудбалската федерација на Македонија на својата интернет-страница.
Новиот позитивен случај на коронавирус, на фудбалерот на Јувентус, Даниеле Ругани, ги смести сите играчи на „старата дама“ и на Интер, во двонеделен карантин, а во карантин се и играчите на Реал. Во ЛЕ се одложени некои мечеви, а некои се играа без публика. Во Италија Владата ги забрани сите спортски и други настани до 3 април. И шпанската Ла лига е суспендирана откако фудбалерите на Реал Мадрид се во карантин, бидејќи делеле простории со кошаркарскиот тим, во кој има еден играч позитивен на коронавирусот. Во француската Лига 1 се игра без публика, во германската Бундес-лига засега некои натпревари се играат без публика, а во англиската Премиер лига сите индиции се дека шампионатот ќе продолжи, но без публика.
Од УЕФА претходно изјавија дека ги слушаат советите од Светската здравствена организација (СЗО) и на националните власти, и оти нивната позиција за сега е „ЕП 2020 ќе почне на 12 јуни во Рим. УЕФА е во контакт со релевантните меѓународни и локални власти во врска со коронавирусот“.
Откако СЗО ширењето на коронавирусот го прогласи за пандемија, веројатно работите уште повеќе ќе се менуваат. Тоа значи и дека мечевите кои сега се одложуваат, од утре-задутре би можеле да се откажуваат. Можни се и прерани прекини на националните првенства што е најлошото можно сценарио кое отвора прашања, во поглед на тоа кои тимови ќе се пласираат за еврокуповите следната сезона, кои ќе испаѓаат итн. Тука веќе почнуваат и пресметките кој, колку пари би загубил, кој и како ќе им ги надомести планираните приходи од продажбата на билети, од спонзори, ТВ-права итн.
Стоп на неодредено време за фудбалот и во Македонија
Натпреварувачката комисија при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе одлука за прекин на неодредено време на натпреварите во Првата, Втората и во Третите лиги, како и на натпреварите во женскиот шампионат и на првенството во футсал. Таквата одлука е донесена по препораките и забраните од Министерството за здравство за превенција од коронавирусот, пишува на интернет-страницата на ФФМ. Претходно Комисијата за младински фудбал ги суспендира сите натпревари во младите категории и натпреварите во детските лиги во наредните две недели.
Ливерпул ќе причека на пехарот?
Во британските медиуми се нагаѓа дали може Ливерпул да биде прогласен за шампион на Премиер-лигата пред крајот на фудбалската сезона. Вообичаено победничкиот пехар му се доделува на шампионот на последниот домашен натпревар во сезоната. Од Премиер-лигата нема никакви најави за некакво порано предавање на трофејот на Ливерпул и во случај математички порано да ја обезбеди титулата. Но, можни се и други сценарија доколку продолжи ширењето на коронавирусот, пишува „Гардијан“.