Во мое време дресовите што ги носевме зиме беа изработени од многу густа волна и кога врнеше дожд тие стануваа претешки. Налето носевме полесни дресови, но тие обично се лепеа за телото од потта, раскажува Сандро Мацола, напаѓач на Италија и на Интер во 60-тите години од минатиот век

Mодернитe фудбалски дресови се многу повеќе од обичните, скромни по квалитет и изглед маички од минатото, кои главно служеа за распознавање на тимовите на теренот. Во денешно време дресовите станаа и моден детаљ, клубовите од нив заработуваат големи суми. Со порастот на продажбата, рака подрака одеа подобрениот дизајн, квалитетот и најновата технологија.
Првите иновации се од 1909 година, односно со воведувањето на прописот во кој се вели дека голманите „мора да се во бои што се разликуваат од другите играчи и од службените лица на мечот“, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница. Во 1928 година дојдоа нумерираните дресови, а први го направија тоа Арсенал и Челси, пред официјално да бидат воведени во англиската лига во 1939 година. Модата и популарната култура во 60-тите години од минатиот век внесоа промени насекаде, но не и во фудбалот.

– Во мое време дресовите што ги носевме зиме беа изработени од многу густа волна и кога врнеше дожд тие стануваа претешки. Налето носевме полесни дресови, но тие обично се лепеа за телото од потта – раскажува Сандро Мацола, напаѓач на Италија и на Интер во 60-тите години од минатиот век.

Следната декада фудбалскиот дрес го направи првиот голем исчекор во иднината. Познатото лого на петел на францускиот производител на спортска опрема „Ле кок спортиф“ беше првиот што го украси дресот на некој тим во финале на Купот на европските шампиони, на дресовите на Феенорд во 1970 година. Во тоа време се појавија и спонзорски логоа. Австрија Виена во 1966 година на дресовите го носеше амблемот на пиварницата „Швехатер“. Во 1973 година Германскиот фудбалски сојуз дозволи рекламирање на дресовите, откако Ајнтрахт Брауншвајг стана првиот клуб со спонзориран дрес, во нивниот случај со логото на „Јагермајстер“. Ливерпул беше прв што го стори тоа во Англија, во 1979 година, со логото на јапонската компанија „Хитачи“.

Три години подоцна, УЕФА дозволи спонзорство на дресовите на мечевите под нејзина капа. Во следната сезона, на белите дресови на Реал првпат стоеше името на спонзорот „Зануси“. Оттогаш копиите на дресовите станаа честа појава, но никој не можеше ниту да замисли дека клубовите еден ден ќе добиваат и по 100 милиони евра од производителите на спортска опрема за да ги носат нивните производи. Осумдесеттите и 1990-тите години беа период на експериментирање со дизајните и со боите. Тоа беше и време кога навивачите почнаа масовно да ги носат на натпреварите, па и подалеку од стадионите, како моден детаљ. Фудбалскиот дрес денес, како што тврдат производителите, им помага на играчите да се изладат, им помага на мускулите и го стимулира протокот на крвта. Тој е полесен и посув од кога било досега.


Титаниум, алуминиум, сензори…

Најновата технологија за производство на дресови нуди многу повеќе можности благодарение на наноткаенините и на поврзаните ткаенини, односно паметните ткаенини. Тие се користат за дресовите што ги изработува „Адидас“, наречени „климахил“, со вградени честички од титаниум и од алуминиум за намалување на телесната температура. Тие се активираат на топлината од телото на тој што го носи.
Поврзаните ткаенини имаат вградени сензори и јадро што собира информации и ги пренесува на посебен уред.

Ова значи дека тренерот или аналитичарот може да ги видат податоците за отчукувањата на срцето на играчот, потењето, температурата, адреналинот и нивото на кортизол. Друг сензор би можел да им каже на медиумите, или на тие што го гледаат мечот дома, колку километри истрчал играчот и со кој интензитет. Информациите од тој сензор би можеле да информираат и да условат евентуални замени, да помогне за некои од тактичките решенија и за спречување повреди, но тоа е визија за иднината.