На тридневниот турнир во Лондон учествуваа 32 елитни играчи
Светското првенство (СП) 2018 во фудбал во Русија заврши, а деновиве во арената „О2“ во Лондон се одржа и СП во е-фудбал, на кое настапија повеќе виртуелни Кристијано Роналдо и Лионел Меси.
На тридневниот турнир учествуваа 32 елитни играчи што ги минаа тест-натпреварите меѓу 20-те милиони играчи во светот, кои наместо со нозете, ги користеа своите флексибилни палци и прсти. Најдобриот ќе биде награден со 250.000 долари, второпласираниот ќе добие 50.000, четвртфиналистите по 10.000, а квалификациите во нокаут-фазата по 2.500 долари.
Титулата ја бранеше 21-годишниот Англичанец, Спенсер Елинг, кој настапува под прекарот Горила. Но тој веќе се прости од титулата, бидејќи беше елиминиран во нокаут-фазата од Малтежанецот Курт Фенеч (23), Курт0411.
Германија имаше осум финалисти, а Аргентина само еден, 18-годишниот Николас Виљалба, Николас99фк, момчето во чиј тим нема место за сонародникот Меси, односно кај него „главни играчи“ беа Португалецот Кристијано Роналдо и Бразилците Нејмар, Роналдињо и Роналдо.
Малтежанецот Курт0411 Фенеч, кој порано работел во компанија за спортско обложување, вели дека сега заработува многу повеќе пари од игрите. Тој ја поздравува и одлуката на СП да има допинг-контрола.
– Ние мораме да играме со целосна концентрација и знам дека има некои работи што можат да ви помогнат околу тоа. Навистина сум задоволен поради тоа што има антидопинг. Потребен е во секој спорт, а ние сега сме спорт. Тестирањето е навистина екстремно, како во професионалниот фудбал. По случаен избор се избираат по тројца – вели Фенеч.