ШПАНИЈА

Точно 120 фудбалери на клубови во шпанската Ла лига би можеле по 30 јуни и на шест кола од завршување на сезоната да ги завршат договорите со актуелните клубови. Некои екипи, како Еибар, Еспањол или Мајорка, може да бидат особено погодени, оти значителен број фудбалери може да заминат пред крајот на натпреварувачката сезона 2019/2020, пишува шпанскиот спортски дневен весник „Марка“.

Постојат неколку клуба во шпанската Ла лига што веќе ги прашаа своите фудбалери дали сакаат да продолжат до 19 јули, кога треба да заврши сезоната што беше прекината поради пандемијата на коронавирусот. Кога ќе добијат зелено светло од играчите што се на заем, ќе контактираат со матичните клубови со кои веднаш би можеле да се договорат или, пак, да побараат дополнителни пари за играчите да можат да останат до крајот на сезоната во актуелниот клуб во Шпанија, пишува „Марка“.

Можеби највоочлив случај е оној со фудбалерот Езекил Гарај, кој допрва треба да го обнови договорот со Валенсија. Преговорите за голем број играчи уште се отворени.
Фудбалската сезона во Шпанија требаше да почне синоќа и до 19 јули да се играат натпревари секој ден, за да се комплетира сезоната што беше прекината во март, поради пандемијата на коронавирусот.