Од мечот Германија - СССР

На ЕП 1972 во Белгија, Германците го совладаа СССР со 3-0, а два гола постигна Милер, кој ги постигна и двата гола и во полуфиналето со Белгија, 2-1. Во најдобриот тим на ЕП се најдоа дури седум германски репрезентативци – Бекенбауер, Брајтнер, Хенес, Нецер, Вимер, Хејнкес и Милер

ШЕЕСЕТ ГОДИНИ ЕВРОПСКИ ПРВЕНСТВА (4)

 

Селекторот на Западна Германија, Хелмут Шен, за фудбалското Европско првенство (ЕП) во 1972 година во Белгија (се играше во Брисел, Антверпен и во Лиеж) создаде тим што многумина го сметаат за еден од најдобрите, ако не и најдобар на Германија на сите времиња. Пред ова ЕП, Германците имаа освоено само еден трофеј, на Светското првенство (СП) во 1954 година во Швајцарија, а на СП 1966 во Англија беа втори. Но по триумфот во Белгија, Германците освоија уште три СП, во 1974, 1990 и во 2014-та, две европски титули, во 1980 и во 1996 година, и играа уште во шест големи финалиња.
Во финалето на ЕП 1972, Германците, за кои ова беше прв настап на финален турнир на ЕП, го победија СССР, со 3-0, што беше најубедлив триумф во финале на ЕП до 2012 година, кога Шпанија ја совлада Италија со 4-0. Во полуфиналето Германија триумфира над Белгија со 2-1, а СССР ја совлада Унгарија со 1-0. Во мечот за трето место Белгија ја победи Унгарија со 2-1.
– Би рекол дека имавме и малку среќа, иако во тимот сѐ функционираше како што треба. Постоеше добра хармонија меѓу нас, многу добро се разбиравме и на теренот, не можеше да се посака ништо повеќе. Не се плашевме воопшто од Русите во финалето, бидејќи претходно ги победивме – велеше подоцна Герд Милер, кој постигна два гола во финалето, како и два на мечот со Белгија.

Шен успеа да го извлече најдоброто од бундеслигашките гиганти Баерн и Борусија (М). Главен во одбраната беше капитенот Франц Бекенбауер, на левата странична позиција Паул Брејтнер и Ули Хенес во нападот беа одличен избор, како и Гинтер Нецер, кој додаде ароганција и течност во играта во средниот ред. Во нападот доминираше „бомбардерот“ Милер, ненадминатиот финишер, кој постигна шест гола во квалификациската група осум, по што Западна Германија се најде во четврт-финалето. Германците таму се соочија со старите ривали, Англичаните против кои ја потврдија својата класа победувајќи ги на „Вембли“ со 3-1 (во реваншот беше 0-0), што значеше пласман во завршницата.

Во најдобриот тим на шампионатот се најдоа дури седуммина германски репрезентативци, Бекенбауер, Брајтнер, Хенес, Нецер, Херберт Вимер, Јуп Хејнкес и Милер, што е најдобар показател за нивната доминација и квалитет. Иако холандски Ајакс таа година вторпат стана европски првак, германските фудбалери доминираа и во изборот за најдобар играч на Европа. На првите три позиции според бројот на гласовите беа Бекенбауер, Милер и Нецер.
Германците доминираат во многу статистички категории кога станува збор за настапите на завршните турнири на ЕП. Почнувајќи од нивното прво учество, во 1972 година, тие настапија на сите 12 турнири потоа, победувајќи трипати (1972, 1980 и 1996 година), како и Шпанија (1964, 2008, 2012), а трипати беа и вицешампиони (1976, 1992, 2008), како и СССР (1964, 1971 и 1988).

[email protected]