ФУДБАЛ – ГЕРМАНИЈА

Сегашниот селектор на Германија, Јоаким Лев, кој во 2014 стана светски првак, најави повлекување по завршувањето на ЕП 2020

Селекторот на една од најуспешните фудбалски земји, Германија, Јоаким Лев, најави заминување од функцијата по Европското првенство (ЕП) летово. Потегот на Лев доаѓа пред почетокот на мартовските квалификации за Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар (во групата со Германија е и Македонија) и пред ЕП. Тој на оваа функција е по СП 2006.

Историските податоци велат дека Германија во богатото и трофејно фудбалско минато имала 10 селектори, најмалку од големите ривали, можеби и во светот, од воведувањето на таа функција пред речиси 100 години, во 1926-та. Претходно, од 1908 година Германија имала селекторски (технички) комисии.

Според податоците на Фудбалската федерација на Германија (ДФБ), прв селектор на фудбалската репрезентација на Германија е професорот Ото Нерц, од 1926 до 1936 година, период во кој на одиграните 70 меча ефектот е 42 победи, 10 ремија и 18 порази.

На негово место во 1936 година доаѓа легендарниот Сеп Хербергер, кој се задржа 28 години, до 1964-та (167 меча, со 97 победи, 27 ремија и 46 порази). Круна на кариерата на Хербергер е триумфот на СП 1954 во Швајцарија и првата титула светски првак за Германците по победата над Унгарија (3-2) во незаборавното финале во Берн.

Трет на таа листа е Хелмут Шен, од 1964 до 1978 година. Во тој период Шен ја освои титулата европски првак во 1972 година, потоа и таа за светски првак, во 1974 година. Јуп Дервал го замени Шен во 1978-та и на функцијата остана до 1984 година. Во 1980 година Дервал се закити со титулата европски шампион. Потоа функцијата ја презема Франц Бекенбауер, од 1984 до 1990 година. Пред заминувањето тој ја освои титулата светски шампион во 1990-та, втора за него, по онаа како играч во 1974 година. Следен е Берти Фогтс, од 1990 до 1998-та, европскиот првак во 1996 година.

Ерих Рибек беше селектор од 1998 до 2000 година, по што Руди Фелер седна на селекторската клупа во 2000 и остана до 2004 година, а стана вицешампион на СП 2002. Претпоследен во селекторската низа е Јирген Клинсман, од 2004 до 2006 година. Лев, кој е селектор од 2006 година, на СП 2014 стана светски првак.
Вкупно, десетте германски селектори освоиле четири титули светски првак (1954, 1974, 1990 и 2014), уште толку пати биле вицепрваци (1966, 1982, 1986 и 2002). На европски план, Германците може да се пофалат со три титули (1972, 1980 и 1996) и со три втори места (1976, 1992 и 2008).

ДФБ најави дека до почетокот на ЕП 2020 ќе биде познат наследникот на Лев.