ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Во дербито на 2-то коло во Лигата на шампионите (ЛШ), вечерва во Торино ќе се сретнат Јувентус и Барселона, тимовите во чии редови се двајцата најдобри фудбалери на денешнината, Кристијано Роналдо и Лионел Меси. Но нивниот долгоочекуван дуел е под голем прашалник бидејќи Роналдо беше позитивен на ковид-19 по настапите за Португалија во почетокот на октомври и оттогаш е во изолација во својот дом во Торино. Ако Роналдо не настапи на вечерашниот меч, шанса за нов дуел со Меси е реваншот на 8 декември.
Роналдо и Меси се најдобрите фудбалери на генерацијата со вкупно 11 „златни топки“ и најефикасните во ЛШ (досега Роналдо постигна 130, а Меси 116 гола). Тие немаат играно меѓу себе откако Роналдо го напушти Реал во 2018-та и замина во Јувентус. Меси (33) има четири титули првак на Европа, сите со Барселона, а Роналдо (35) пет, четири со Реал и една со Манчестер јунајтед.

На 35 досегашни дуели, од кои пет биле во ЛШ, Меси победил на 16, Роналдо на 10, а девет средби завршиле нерешено. Меси постигна 22 погодока на тие дуели, а Роналдо 19, пишува агенцијата „Асошијетед прес“.
Ова ќе биде и најголемиот меч за Андреа Пирло како тренер на Јувентус.
– Барселона? Не ме загрижува, тоа се два различни меча. Ние градиме долгорочен проект и јас гледам само на позитивните работи – изјави Пирло по ремито со Верона во неделата, 1-1.
На минатите мечеви неиграњето на Роналдо го дополнија Алваро Мората и Дејан Кулушевски, кои ги постигнаа головите со Динамо Киев и со Верона.