Реформите во ЛШ се на врвот на агендата на состанокот во швајцарскиот град Монтре. Групната фаза во ЛШ треба да биде целосно ревидирана, со зголемување од 32 на 36 учесници, кои ќе играат по 10 натпревари наместо како досега шест

ФУДБАЛ

Европската фудбалска унија (УЕФА) на денешниот состанок на Извршниот комитет (ИК) треба да ги формализира промените во форматот на Лигата на шампионите (ЛШ), како и да ги потврди градовите домаќини на одложеното Европско првенство (ЕП), објави агенцијата „Франс прес“ (АФП). Плановите за реформа на елитното клупско натпреварување во Европа од 2024 година првично требаше да бидат одобрени минатиот месец, но беа ставени во мирување откако Европска асоцијација на клубови (ЕКА) соопшти дека „уште не е во позиција официјално да ги одобри клучните промени“. Во меѓувреме, се чини, најдено е решение што ќе им одговара на сите страни, пишува АФП.
УЕФА пред неколку дена потврди дека реформите во ЛШ се на врвот на агендата на состанокот во швајцарскиот град Монтре. Според информациите, групната фаза треба да биде целосно ревидирана, со зголемување од 32 на 36 учесници и со воведување на т.н. „швајцарски систем“ инспириран од шахот, со тимови што ќе играат по 10 меча наместо како досега по шест, сите против различни противници.

Ваквата реформирана ЛШ не е тајна подолго време, но во меѓувреме се одвиваа дискусиите за некои детали, како на пример како ќе бидат распределени четирите дополнителни места, пишува АФП. Франција, како петторангирана земја во Европа, се очекува да добие трето загарантирано место, а другите места би се распределиле според минатите настапи и успеси, и според клупскиот коефициент кај УЕФА. Од тоа корист би имале клубовите што биле успешни во минатото, но не успеале да се квалификуваат преку пласманот во домашната лига. Крајната цел на реформите е да се зголемат приходите од ТВ-правата за емитување на натпреварите за да се задоволат водечките европски клубови и да се стави крај на заканата од отцепена Суперлига, пишува АФП.
Во исто време, УЕФА треба да ги финализира и плановите за ЕП. Одложениот шампионат од лани поради пандемијата треба да почне во Рим, на 11 јуни и да се игра во 12 града низ континентот. Главниот град на Италија беше потврден како домаќин во средата, кога локалните власти објавија дека стадионот „Олимпико“ ќе може да биде исполнет до 25 отсто. Покрај Рим, уште Санкт Петербург, Баку, Будимпешта, Амстердам, Букурешт, Копенхаген, Глазгов и Лондон потврдија дека ќе има гледачи на трибините на нивните стадиони, иако бројот на гледачи ќе варира.

Останува неизвесноста околу Минхен, Билбао и Даблин на кои им беше даден рок до денеска да достават до УЕФА дополнителни информации за нивните планови за присуство на гледачи. УЕФА може да им ги одземе тие натпревари и да ги премести во другите градови домаќини, иако претседателот на Шпанската фудбалска федерација, Луис Рубиалес, рече дека ќе стори „сѐ што е можно“ за да се осигури дека во Билбао ќе се одиграат четирите меча на ЕП. Доколку, сепак, УЕФА одлучи Билбао да не може да биде домаќин на натпреварите, Рубиалес ја предложи Севилја како алтернативна опција, пишува АФП.