Кај тренерите во комбинација се Пеп Гвардиола, менаџер на Манчестер сити, Роберто Манчини, селектор на Италија, и Томас Тухел, менаџер на Челси

ФУДБАЛ – УЕФА

Европската фудбалска унија (УЕФА) ги објави имињата на тројцата номинирани фудбалери кандидати за наградата за најдобар играч на сезоната 2020/2021. Добитниците на признанијата ќе бидат објавени на церемонијата на ждрепката за составот на групите во Лигата на шампионите (ЛШ), в четврток, 26 август, во Истанбул, Турција.
Кевин де Брујне од Манчестер сити, првакот на Англија, како и Жоржињо и Н’Голо Канте од Челси, победникот во ЛШ, се тројцата играчи во потесниот избор на жирито, составено од 24-те селектори на репрезентациите што учествуваа на Европското првенство (ЕП) летово, заедно со 80 тренери на клубови што лани играа во групните фази во ЛШ и во Лига Европа (ЛЕ) и 55 новинари од сите земји-членки на УЕФА. Од тренерите и од новинарите беше побарано да изберат тројца играчи доделувајќи им по пет, три и по еден поен. На тренерите не им беше дозволено да гласаат за фудбалери од нивниот тим.

УЕФА исто така ќе ги награди и тренерите што имаа најголемо влијание минатата сезона. Тројцата тренери што добија најмногу поени во гласањето се Пеп Гвардиола, менаџер на првакот на Англија, Манчестер сити, Роберто Манчини, селектор на новиот европски првак, Италија, и Томас Тухел, менаџер на победникот во ЛШ, Челси.
Во женска конкуренција, трите номинирани фудбалерки ги избра жирито составено од тренери на клубовите што учествуваа во осминафиналето на ЛШ, заедно со селекторите на 12-те највисоко рангирани репрезентации на листата на УЕФА, плус 20 новинари специјализирани за женски фудбал. Најмногу поени добија Џенифер Хермозо, Лике Мартенс и Алексија Путелас, сите од шпанска Барселона.
За признанието тренер на годината во женска конкуренција, во потесниот избор на истото жири се Ема Хејс од Челси, Луис Кортес од Барселона и Питер Герхардсон, селекторот на Шведска.
На истата церемонија во Истанбул, УЕФА ќе ги избере и најдобрите играчи по позициите голман, дефанзивец, играч од средниот ред и напаѓач во двете конкуренции.