Ивана Пројковска

ИВАНА ПРОЈКОВСКА, МАКЕДОНСКА ФУДБАЛСКА СУДИЈКА

Кога играв фудбал бев лево крило, секогаш бев казнувана за офсајди и се „расправав“ со судиите. Ми велеа, дојди да судиш, ќе видиш дека не си во право. И така бидна. Отидов на семинар, полагав, почнав да судам и си поставив цел… Финалето на ЕП ми беше прво како главен судија, немав трема, имав некоја позитивна енергија и уживав. Се надевам дека во новата сезона ќе добијам шанса да судам на повеќе натпревари во Втората, па и во Првата лига, вели Ивана Пројковска, која играла и кошарка, во карате има црн појас, а приватно подготвува магистратурата по форензичка физика

Македонката Ивана Пројковска ја делеше фудбалската правда на финалето помеѓу Франција и Германија (2-1) на Европското првенство (ЕП) за фудбалерки до 19 години, во Шкотска. Претходно таа беше одлична на натпреварите Англија – Германија (1-2) и Франција – Норвешка (3-3), како и во полуфиналето Германија – Холандија (3-1) на кое беше четврти судија.

– Тоа ми беше прво финале како главен судија, претходно имам две финалиња како четврти судија, на Исланд и во Словачка. Трема, искрено, првпат немав, имав некоја позитивна енергија и уживав во натпреварот. Впечатоците сѐ уште ми се свежи, немав многу време да ги средам, меѓутоа сѐ беше многу позитивно во секој поглед – вели Пројковска, која со судење се занимава од 2003 година, на меѓународната листа е од 2012-та, а од јуни годинава е на листата од прва категорија.

Пред посериозно да се зафати со судењето, Пројковска се занимавала со повеќе спортови. Играла фудбал за повеќе клубови и за сите селекции на Македонија, играла и кошарка, потоа и судела, а седум години тренирала карате и има црн појас.

– Со судењето почнав да се занимавам некако случајно. Кога играв фудбал бев лево крило, секогаш бев казнувана за офсајди и се „расправав“ со судиите дека тоа не е можно… Ми велеа, дојди да судиш, ќе видиш дека не си во право. И така бидна. Отидов на семинар, полагав, почнав да судам, си поставив цел и пред десетина дена испишав нова страница во историјата на македонскиот фудбал – вели Пројковска.
Во Македонија не може да се живее од судењето, нема ниту професионални судии за разлика од некои други земји, каде што може да се живее од таа работа.

– Би сакала наскоро да се случи професионализација и во Македонија, тогаш би можела 100 отсто да му се посветам на судењето, кое бара целосна посветеност. Лани судев само на еден натпревар во Втората лига, сите други беа во Третата или во младите категории и во женски фудбал. Се надевам дека по судењето во финалето на ЕП, во новата сезона ќе добијам шанса да судам на повеќе натпревари во Втората, па и во Првата лига. Инаку имам добра соработка со колегите судии, Александар Ставрев, Димитар Мечкаровски и другите, кои многу ми помагаат за сѐ што ми е потребно. Секоја чест за Французинката Стефани Фрапар, која ќе го суди мечот од Суперкупот на УЕФА, помеѓу Ливерпул и Челси во Истанбул, на 14 август. Тоа е големо достигнување и мотивација плус не само за неа туку и за сите нас жени судии – вели Пројовска.
Можеби од професионална гледна точка, Пројковска посочува дека нема некој клуб за кој е особено приврзана и за кого навива.

– Не следам само фудбал, ги следам и ги сакам сите спортови, особено ракометот во Македонија. Често со друштвото патуваме на европско или на светско првенство за да ги бодриме ракометарите. Надвор од фудбалот ја подготвувам магистратурата по форензичка физика – вели Пројковска.


Французинката Фрапарт ќе го суди мечот за Суперкупот на уефа

Французинката Стефани Фрапарт ќе биде првата жена што ќе суди големо финале во машка конкуренција, откако Европската фудбалска унија (УЕФА) ја назначи за главна судијка на натпреварот Ливерпул – Челси, во Суперкупот на УЕФА, на 14 август во Истанбул. Таа во јуни го судеше финалето на Светското првенство за жени помеѓу САД и Холандија, беше делител на правдата и во полуфиналето на Европското првенство за жени во 2017 година, а претходно и во финалето на ЕП за фудбалерки до 19 години.

Фрапарт испиша историја и во француската Лига 1 откако стана првата жена што судела меч од првата машка лига, помеѓу Амиен и Стразбур. Таа во новата сезона во Лига 1 ќе биде редовно делегирана за првенствените натпревари. На мечот од Суперкупот на Фрапарт ќе ѝ помагаат Мануела Николоси од Франција и Мишел О’Нил од Република Ирска.

– Фрапарт повеќе години докажува дека е една од најдобрите судијки во светот. Таа може да суди на најголемата сцена, како што го покажа тоа на годинашното финале на СП за жени – рече Роберто Росети, претседателот на судиската организација на УЕФА.

[email protected]