Австријците по двата пораза на првите два меча, дома од Полска и на гости од Израел, се непоразени на шест меча, а Македонија, пак, во овие квалификации одигра добро на гости, со по една победа и пораз и две ремија
Македонија вечерва ѝ гостува на Австрија (стадион „Ернст Хапел“, Виена, од 20.45 часот) во претпоследното квалификациско коло во групата Г за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година, со ослабен состав, поради многуте повредени (Езџан Алиоски, Аријан Адеми, Иван Тричковски) и суспендирани фудбалери поради жолти картони (Бобан Николов, Илија Несторовски и Висар Муслиу). Се очекува Австрија да вложи максимум напори да го добие овој меч (иако за пласман на ЕП доволно ѝ е и реми), за да го завери пласманот во завршницата на континенталното првенство, вторпат по ред, вкупно третпат, по ЕП 2008, на кое беше кодомаќин со Швајцарија.
Австрија е квалитетна репрезентација, која во првиот меч во Скопје ја надигра и ја совлада Македонија со 4-1, а сега се и во добра резултатска серија. По двата пораза на првите два меча, дома од Полска (0-1) и на гости од Израел (2-4), Австријците заиграа многу подобро и се непоразени на претходните шест дуела, со ефект од пет победи и едно реми. Прв стрелец во австрискиот состав е Марко Арнаутовиќ, кој на седум меча постигна шест гола.
Црвено-жолтите играат за висок пласман во групата. Македонија има теоретски шанси, со евентуална победа, да се вмеша во трката за освојување на втората позиција, или со поволни резултати од двата меча (уште и со Израел дома во вторник) да го освои барем третото место, на кое досега никогаш во квалификациски циклуси за ЕП или за СП не се пласирала македонска фудбалска репрезентација. Македонија играше добро на гости во овие квалификации, за што сведочат победата над Летонија (2-0) и ремијата со Словенија и со Израел (по 1-1), со само еден пораз, од водечката Полска (0-2). Но, како што стојат работите во моментов, Македонија би можела првпат да се најде на ЕП преку плејофот во Лигата на нациите, во март 2020 година, во мечот со Косово, потоа и во финалето со подобриот од дуелот Грузија – Белорусија.
Другите двојки вечерва од групата Г се Словенија – Летонија и Израел – Полска.