Андон Дончевски

Победивме, одигравме најсериозно што се може, бевме сиромашни со опрема, но имавме големо срце, ги израдуваме сите во Македонија, како и тие што дојдоа да нѐ бодрат во Крањ. Но, поважно беше дека покажавме оти местото на Македонија е во фудбалска Европа, вели Андон Дончевски, селекторот на Македонија на првиот меч на репрезентацијата, на 13 октомври 1993 година

В сабота се навршуваат 25 години од првиот официјален фудбалски натпревар на Македонија. На тој датум Македонија ѝ гостуваше на Словенија во Крањ, во пријателски меч што го доби со 4-1. Волјата на ждрепката посака на истиот датум, но 25 години подоцна, Македонија во Скопје да се сретне со Лихтенштајн во третиот натпревар во групата Ц, лига Д, во Лигата на нациите (ЛН). Славеничката атмосфера пред мечот ќе ја подгреат и актерите од Крањ, кои ќе ѝ бидат претставени на публиката на арената „Филип Втори“.

„Нова Македонија“ преку разговорите со неколкумина актери на тој натпревар и со серијалот „25 години македонска фудбалска репрезентација“ потсетува на тој историски натпревар како и на постигнувањата на најдобрата репрезентација во периодот од 1993 до 2018 година.

На мечот во Крањ, на селекторската клупа на Македонија беше легендарниот Андон Дончевски, кој специјално за оваа пригода допатува од Мелбурн, Австралија каде што живее последнава деценија и повеќе.

– Навираат спомените, такво нешто не се заборава. Тоа е фудбалска историја на Македонија. Јас сум посебно горд што бев дел од таа репрезентација составена од многу квалитетни играчи, легенди на македонскиот фудбал. Пред мечот во Крањ, добро се сеќавам, владееше голема еуфорија, еј, го играме првиот натпревар за Македонија. Победивме, одигравме најсериозно што се може, бевме сиромашни со опрема, но имавме големо срце, ги израдуваме сите во Македонија, како и тие што дојдоа да нѐ бодрат во Крањ. Но, поважно беше дека покажавме оти местото на Македонија е во фудбалска Европа – вели Дончевски.

Иако е на спротивната страна од светот, тој редовно ги следи сите натпревари на репрезентацијата на Македонија.
– Мислам дека моментно имаме квалитетна репрезентација, спој на искусни и на млади, квалитетни фудбалери, кои ги предводи одличен селектор, Игор Ангеловски. На теренот негова продолжена рака е капитенот Горан Пандев, кој е пример за сите, позитивна личност во секој поглед, бисер на македонскиот фудбал. Имаме две победи од два меча во Лигата на нациите мислам дека имаме реални шанси да бидеме први во групата, потоа ќе следува плејофот, да се надеваме дека и таму ќе бидеме успешни – рече Дончевски.

Столб на одбраната на тогашната селекција предводена од Дончевски, беше „громовникот“ Илија Најдоски, кој по освојувањето на титулите првак на Европа и на светот со Црвена звезда во 1991 година, кариерата ја продолжи во шпанскиот Валјадолид.

– Тој меч со Словенија во Крањ, прв за Македонија, не може да се спореди со ниту еден што сум ги одиграл пред тоа, за Вардар или за Црвена звезда. Тој меч никогаш нема да го заборавам, не толку поради играта или победата, туку поради тоа што сите првпат игравме за Македонија, сѐ ни беше ново иако повеќето бевме искусни, настапуваме за странски клубови – се потсетува на тоа време Најдоски.

По тој првичен успех, во следните 25 години Македонија не успеа да се пласира на ниту едно поголемо натпреварување, европско (ЕП) или светско првенство (СП).

– Има многу причини за тоа. Таа прва генерација репрезентативци беше на залезот на кариерите, повеќето имаа над 30 години, не е исто да почнете со 24-25, па да играте неколку години заедно, да настапувате за посилни клубови во странство, да стекнувате искуство. Потоа следуваа генерации на кои им недостигаше токму такво искуство од настапи во силни лиги и на силни натпревари, па оттаму и постигнувањата беа лоши. Македонија добро почна во Лигата на нациите, очекувам да бидеме први го групата и во следниот циклус да играме во третата по квалитет, лига Ц. За сѐ друго потоа има време – додава Најдоски.

Ангеловски: За јубилејот победа над Лихтенштајн

Јас тој меч на Македонија против Словенија, како и повеќемина Македонци, го гледав на телевизија, паметам дека имаше многу емоции и набој кај сите нас, прв натпревар и сѐ што оди со тоа. Беше тоа успешно деби, добар почеток за македонскиот репрезентативен фудбал. Во тоа време имав дваесетина години, бев млад фудбалер и тогаш ни на сон не помислував дека еден ден и јас ќе бидам селектор на Македонија. Но и тоа се случи, горд сум што сум селектор и што ќе ја предводам македонската репрезентација на 25-годишнината од тој меч, на натпреварот против Лихтенштајн. Се надевам дека јубилејот ќе го зачиниме со победа со која ќе се зацврстиме на првата позиција во групата, изјави селекторот Игор Ангеловски. Л.Д.


Голови, пенали, хет-трикови

Над 70 фудбалери досега се запишале во листата на стрелците за македонската репрезентација, за вкупно 250-те гола досега. Најефикасен е Горан Пандев со 32 гола, а стрелци на двоцифрен број голови се и Ѓорѓи Христов (16), Артим Шаќири (15), Александар Трајковски (12) и Горан Манзов (10). Од одбранбените фудбалери најефикасен е рекордерот според бројот на настапи (100), Гоце Седлоски, со осум погодока.
Стрелци на хет-трик (три гола на еден натпревар) во 25-годишната историја на македонската репрезентација се Бошко Ѓуровски (против Кипар, дома, 3-0, квалификации за Европското првенство во 1996 година), Дејви Главевски (против Лихтенштајн, на гости, 11-1, квалификации за Светското првенство во 1998 година), Артим Шаќири (против БиХ, на гости, 4-4, пријателски меч во 2002 година) и Александар Трајковски (против Црна Гора, дома, 4-1, пријателски меч во 2015 година).
Македонија постигна и дваесетина гола од пенал.