Во неделата се истакнаа Акинфеев, кој одбрани два пенала за триумф на Русија, и Субашиќ, со три одбрани на дуелот Хрватска – Данска. Се истакна и уште еден голман, Шмајхел, со три одбранети пенали (еден во 116. минута)
На дуелите од осминафиналето на Светското првенство во фудбал (СП), Русија – Шпанија (1-1, на пенали 4-3) и Хрватска – Данска (1-1, на пенали 3-2), во неделата, победниците беа решени по изведувањето пенали. Такво нешто првпат се случи пред 30 години, на 21 јуни 1986 година, на СП во Мексико, на четвртфиналните натпревари Франција – Бразил (1-1, 4-3) и Германија – Мексико (0-0, 4-1). Натпреварите беа во знакот на голманите, Игор Акинфеев (Русија), Даниел Субашиќ (Хрватска), Каспер Шмајхел (Данска), па и Давид Де Хеа (Шпанија).
Русинот Акинфеев (32) на 111-от репрезентативен настап, покрај двата одбранети пенала, на Коке и на Иаго Аспас, имаше и девет одбрани, на сигурно најдобриот меч во кариерата. Субашиќ, пак, им одбрани дури три пенали на Данците, што претходно му успеало само на еден голман, на Португалецот Рикардо, на мечот против Англија на СП 2006. Во оваа категорија би можел да се смести и Данецот Шмајхел, кој прво му го одбрани пеналот на Модриќ во второто продолжение, во 116. минута, а потоа одбрани уште два, во пенал-серијата. Шпанецот Де Хеа по лошо ќе го памети ова СП, на кое имаше само една одбрана на четирите натпревари.
Русите со право слават, нивната репрезентација се пласира во четврт-финалето на Светското првенство (СП), на кое се домаќини, првпат по СП 1970 во Мексико, тогаш под името на СССР, со легендарниот Лав Јашин на голот. Пласманот на Русија меѓу најдобрите осум се смета за големо изненадување, со оглед дека пред СП не им се даваа поголеми шанси поради најслабиот ранг (70-та позиција) меѓу 32 селекции на ранг-листата на ФИФА.
Шпанија (не)очекувано им се придружи на сѐ уште актуелниот светски првак, Германија, на европскиот првак Португалија со Кристијано Роналдо и на светскиот вицепрвак Аргентина со Лионел Меси, кои ги завршија настапите на ова СП. Повторно се покажа дека на Шпанија не ѝ одговараат пенали, бидејќи третпат е елиминира на тој начин, по СП 1986 од Белгија и по СП 2002 од Јужна Кореја.
Истече времето на тики-така?
Шпанците на осминафиналниот меч со Русија имаа теренска иницијатива и рекорден број додавања на еден натпревар на светско првенство во фудбал (СП) и првпат над 1.000 – точно 1.006, доминираа во повеќе сегменти, но, сепак, не успеаја да најдат начин посериозно да го загрозат голот на Игор Акинфеев. За Шпанците сигурно беше пех отказот што го доби селекторот Хулен Лопотеги на два дена пред почетокот на првенството, но забележливо, не само на мечот со Русија, беше дека им недостигаат идеи во нападот. Нивната игра наречена тики- така, игра со безброј додавања, главно во широчина и назад, е демоде, прегазена од времето, прочитана од ривалите и неефективна како пред 10-ина години кога беа освоени две европски и една титула светски првак.
– Тие ја имаат топката во нозете, јас сум голем обожавател на тики-така, тоа е игра убава за гледање, но ништо не се случува. Не видовме никаква поголема закана кон рускиот гол. Имаше ситуации да се нападне, но наместо напред, топката се враќаше назад, битен им беше поседот – коментираше Сеск Фабрегас, фудбалерот на Арсенал и член на шпанската селекција што во 2010 година стана светски првак.