Во Италија и во Шпанија веќе јавно се расправа за отворање на стадионите, со една третина од капацитетите, за да се почитува правилото за физичко дистанцирање
Годинашните прекинати фудбалски сезони уште не се продолжени, но во Италија и во Шпанија веќе планираат како да им овозможат на гледачите да се вратат на стадионите за да ги гледаат своите тимови. Англиската Премиер-лига, исто така, разгледува опции за следната сезона, но не открива детали за тоа, објави весникот „Телеграф“.
Но во Италија и во Шпанија, каде што случаите на коронавирус се во надолна крива, веќе јавно се расправа за отворање на стадионите со една третина од капацитетите, односно користење едно од три седишта, за да се почитува правилото за физичко дистанцирање. Гледачите ќе бидат тестирани пред влезот на стадионите за да се провери дали покажуваат некакви симптоми, а на секој влез ќе има места за миење и дезинфекција на рацете. Италијанскиот фудбал, кој треба да продолжи на 13 јуни, бара начини гледачи да присуствуваат и на мечевите во продолжението од сезоната.
Италијанската влада донесе одлука дека ќе биде дозволено одржување настани во затворен простор, во кино или во сала, на кои може да присуствуваат до 300 лица, а на отворено до 1.000 луѓе. За Шпанија извештаите велат дека клубовите во Ла лига ќе ги отворат стадионите до 20 отсто од капацитетите на почетокот од следната сезона, во септември, зголемувајќи го на 50 отсто во ноември и во полн капацитет од јануари 2021-та.
Ако се применат истите правила во Премиер-лигата како во Италија, во теорија на стадионот „Олд трафорд“ на Манчестер јунајтед би можело да присуствуваат околу 25.000 луѓе, капацитетот на „Енфилд“ на Ливерпул би се намалил на 18.000, а стадионот „Емирати“ на Арсенал би можел да прими 20.000 луѓе.
На нив би имало само домашни навивачи, избрани за секој натпревар преку своевидна лотарија или, пак, би се ротирале, бидејќи полицијата не прифаќа гостински гледачи да патуваат во други градови на натпревари, пишува „Телеграф“.
Сепак, тоа многу ќе зависи дали ќе има втор бран на коронавирусот, како што многумина предвидуваат. Полска, Русија и Србија веќе ги објавија плановите за отворање на стадионите од јуни, со околу 25 проценти од капацитетите.