ФУДБАЛ

Сите работи на турнирот се во наши раце. Не смееме да се занесуваме и да станеме арогантни, но мора да веруваме во нашите квалитети, рече Томас Милер (31), откако Германија со блескава игра забележа убедлива победа над актуелниот европски првак, Португалија (4-2), која е првиот бранител на титулата што прима четири гола

Без голгетер. Погрешен систем. Играчите на погрешни позиции, предводени од селектор кому му е „истечен рокот“, беа некои од реакциите на фудбалската јавност во Германија, која ја отпиша таа репрезентација по поразот во првото коло од Франција (0-1), во групата Ф, на Европското првенство (ЕП) 2020. Но одговорот дојде со блескавата игра и убедливата победа над актуелниот европски првак, Португалија (4-2), која стана првиот бранител на титула што прима четири гола. Првпат во историјата на големите турнири една селекција постигна и два автогола (Рафаел Гереиро и Рубен Дијас). Досега имаше пет автогола на ЕП 2020, два повеќе од кое било претходно издание на европските првенства.

Селекторот Јоаким Лев, кој си заминува по ЕП 2020, ја предводеше Германија до светската титула во Бразил, во 2014 година, но елиминацијата во групната фаза четири години подоцна, во Русија во 2018-та, како и отстранувањето на некои постари играчи од тимот отвори многу дилеми и прашања. Напаѓачот на Баерн, Томас Милер, беше еден од тие играчи што ги отфрли Лев во 2019 година, но се премисли и го врати во репрезентацијата.
– Дозволено ни е да чувствуваме мала еуфорија. Забавно е да се игра во ваква зовриена атмосфера. Сега имаме три бода, сите работи на турнирот се во наши раце. Не смееме да се занесуваме и да станеме арогантни, но мора да веруваме во нашите квалитети – рече Милер (31), по триумфот над Португалија.

Победата на Германија над Португалија и ремито на Франција со Унгарија (1-1) најавуваат интересни пресметки во третото коло, в среда. Франција е на чело на табелата со четири бода, по три имаат Германија и Португалија, а еден бод има Унгарија. Португалија ја помина групната фаза на ЕП во 2016 година без ниту една победа, три ремија.


СТАТИСТИКА

  • Германија првпат постигна четири гола во групна фаза на европските првенства
  • Португалија ја прекина серијата од седум меча без пораз (пет победи и две ремија) и ова беше трет пораз на претходните 31 меч
  • Германија победи на сите пет претходни средби со Португалија, почнувајќи од ЕП 2000
  • Кристијано Роналдо постигна 46 гола на претходните 44 меча за Португалија

    Извор: УЕФА