Ова беше прва победа на Сити над Реал (2-1), наедно и прва против врвен европски тим во нокаут-фазата од ЛШ, 28-та рекордна за Гвардиола
Манчестер сити триумфира на гости над Реал (2-1) во првиот осминафинален меч во Лигата на шампиони (ЛШ). Во првиот меѓусебен дуел како тренери, со селекцијата на тимот Пеп Гвардиола му приреди мало тактичко изненадување на Зинедин Зидан. Тој ги остави на клупата за резерви Рахим Стерлинг, Серхио Агуеро, Давид Силва и Фернандињо, а Бернардо Силва и Кевин де Брујне се менуваа во улогата на „лажна деветка“. Таа претпазлива формација на Сити се покажа како многу добра оти беше запрен Реал, кој немаше контрола врз играта и во првите 45 минути упати само еден удар на голот на Едерсон.
– Ако постои тенка линија помеѓу генијалноста и лудилото, тогаш Гвардиола брилијантно ги спои со тактиката и пристапот на мечот. Ретко кога бил толку анимативен покрај теренот, што покажа колку ја посакуваше оваа победа, предводејќи го третиот англиски тим (по Арсенал и Ливерпул), кој го победил Реал на „Бернабеу – напиша британски „Дејли телеграф“.
Гвардиола ја забележа 28-та победа во нокаут-фазата во ЛШ, со Барселона, Баерн и со Сити, со што ги надмина колегите Жозе Мурињо, Алекс Фергусон и Карло Анчелоти, кои имаат по една помалку.
Гвардиола, кој е двократен победник во ЛШ, со Барселона (2009 и 2011), исто така стана менаџер со најмногу победи против Реал во сите конкуренции во 21 век, надминувајќи ги Ернесто Валверде и Диего Симеоне со по 10-те победи. Тоа беше и шеста победа на Гвардиола во улога на тренер/менаџер на стадионот „Сантијаго Бернабеу“, најмногу од сите. Тој исто така стана вториот менаџер што победил на два меча во ЛШ на гости против Реал, по легендарниот Отмар Хицфилд и првиот што го сторил тоа со два различни клуба.
– Имавме десет слободни дена и во тој период гледав многу натпревари на Реал. Тие притискаат високо. Тоа го сторија на „Ноу камп“ против Барселона и знаев дека тоа ќе го прават и дома, одземаат топки и брзо додаваат – ја објаснуваше тактиката за „Телеграф“, Гвардиола.
Ова беше прва победа на Сити над Реал, наедно и прва против врвен европски тим во нокаут-фазата од ова натпреварување. Претходните победи на Сити во оваа рунда беа против Динамо Киев, Базел и Шалке.
Реал е најуспешниот клуб во историјата на ова натпреварување, со 13-те титули, па веројатно поради тоа Гвардиола смета оти победникот сѐ уште не е решен.
– Ова беше само прв дел, не се освоени три бода. Ако некоја екипа може да ја надмине оваа ситуација, со искуство, со сè, тоа е Реал. Многу сум горд, но ќе се игра уште еден натпревар, ништо не е готово – порачува Гвардиола.
Кевин де Брујне, кој беше прогласен за најдобар играч на натпреварот, го постигна 50-от гол за Сити во сите натпреварувања. Тој првпат даде гол (од пенал) и асистира (на Габриел Жезус) во ЛШ.
Рамос како Давидс и Ибрахимовиќ
Капитенот на Реал, Серхио Рамос, го доби четвртиот црвен картон во ЛШ и им се придружи на Едгар Давидс и на Златан Ибрахимовиќ, кои по четири пати биле исклучени. За Рамос тоа беше 26-то исклучување во кариерата, со што го надмина поранешниот фудбалер на Бордо, Ница и Марсеј, Сирил Рол, кој 25 пати беше исклучуван.
Карим Бензема стана шестиот играч на Реал што одиграл 100 меча во ЛШ. Другите се Икер Касилјас (150), Раул (130), Серхио Рамос (124), Роберто Карлос (107) и Кристијано Роналдо (101).
Јуве запрен во Лион
По малку изненадувачки, но сосема заслужено, Лион го доби првиот осминафинален меч против фаворитот Јувентус, со 1-0. Тоа беше прва победа за францускиот тим во дуелите против „старата дама“, по три порази и едно реми.
– Во првото полувреме топката се движеше премногу бавно. Второто полувреме беше многу подобро, но во ЛШ не е доволно да се игра едно полувреме. Не знам зошто моите играчи не можеа да разберат дека топката мора да циркулира многу побрзо. Сѐ започнува оттаму. Пред мечот, на тренинзите сѐ беше подобро на тој план – се чудеше тренерот на Јувентус, Маурицио Сари.
ЛШ, осминафинале, први натпревари
Реал – Манчестер сити 1-2
Лион – Јувентус 1-0
Челси – Баерн 0-3
Наполи – Барселона 1-1
Аталанта – Валенсија 4-1
Тотенхем- Лајпциг 0-1
Борусија Д. – ПСЖ 2-1
Атлетико – Ливерпул 1-0
Реваншите се на 10/11 и на 17/18 март