Извршниот директор на фудбалскиот клуб Монца, Адријано Галијани, денеска изјави дека се надева оти за неколку години клубот ќе игра со Милан во рамки на Серија А.
– Јас работев 31 година во Милано, но Монца е во мојата ДНК. Се надевам дека ќе играме дерби со Милан за неколку години. Берлускони ќе каже какви се целите за тимот и за иднината. Сè започна на 31 август со еден повик од Николас и Феличе Коломбо (поранешни сопственици на Монца). Денеска сè стана реалност – прокоментира Галијани.
Силвио Берлускони денеска преку неговата компанија Фининвест стана 100 отсто сопственик на тој клуб.
Берлускони кој утре ќе наполни 82 години за помалку од 18 месеци од продажбата на Милан стана сопственик на клуб што се натпреварува во Серија Ц.
Монца во својата историја долга 106 години никогаш не била дел од елитата.
Во УО на Монца се Николо Коломбо (претседател), Паоло Берлускони (брат на Силвио), Адријано Галијани (извршен директор) Роберто Мацо и Данило Пелегрино.
Милан предводен од Берлускони освои 29 трофеи за 31 година.