Сѐ зависи од фазите. Посакувам тоа да биде 12 јуни, но зависи од ширењето на вирусот. Првата и Втората лига би требало да завршат во исто време. Ќе има фудбал секој ден во тие 35 дена, изјави Тебас, претседателот на шпанската Ла лига
Претседателот на шпанската фудбалска Ла лига, Хавиер Тебас, се надева дека сезоната може да продолжи на 12 јуни и ветува натпревари „секој ден, 35 дена“. Првенството беше прекинато во март поради пандемијата на коронавирусот, а Тебас постојано повторува дека средината на јуни е терминот за продолжување на натпреварите.
– Не знам. Сѐ зависи од фазите. Посакувам тоа да биде 12 јуни, но зависи од ширењето на вирусот. Првата и Втората лига би требало да завршат во исто време. Ќе има фудбал секој ден во тие 35 дена – изјави Тебас за „Мувистар“.
Во неделата беше потврдено дека пет играчи на тимови во првите две дивизии на Шпанија биле позитивни на ковид-19. Тебас рече дека тоа е подобро од очекуваното и оти се надева дека сите играчи ќе бидат здрави кога Ла лига ќе продолжи.
Дефанзивецот на Барселона, Жерар Пике, пак, изјави дека продолжувањето на мечевите на 12 јуни е прерано и оти би сакал кампањата да заврши подоцна од датумот што го предложи Тебас.
– Го разбирам интересот на Ла лига за завршување на сезоната, затоа што има многу работи во игра. Слушнав дека Тебас зборува за рестартирање на 12 јуни. Но многу време сме надвор од акција и мора да се има предвид дека треба да бидеме добро подготвени за да се избегне ризикот од повреди. Според моето мислење, потребни ни се уште неколку дена – вели Пике.