За Тоти, „скудетото“ со Рома во 2001 година е на повисоко ниво дури и од другиот голем триумф во кариерата, освојувањето на Светското првенство со Италија во 2006 година. Тоти сениорското деби за Рома го имаше во 1992 година, во клубот каде што играше четврт век, со повеќе од 600 меча и околу 300 гола
ФРАНЧЕСКО ТОТИ
Поранешниот капитен на фудбалскиот клуб Рома, Франческо Тоти (45) во ексклузивното интервју за весникот „Гардијан“ зборува за судбината, зошто никогаш не го напушти родниот клуб и за други работи што ги содржи автобиографијата насловена „Гладијатор“. Тоти сениорското деби за Рома го имаше во 1992 година, во клубот каде што играше четврт век, повлекувајќи се во 2017 година, по повеќе од 600 меча и околу 300 гола. Тој беше почестен од Диего Марадона со зборовите како „најдобриот играч што некогаш сум го видел“, но во сите тие години со Рома освои само една титула во Серија А, дополнета со две победи во Купот на Италија и со уште две во Суперкупот на Италија. Не е никаква тајна дека тој посакуваше да освои повеќе титули.
– Седам тука и размислувам со каење „можев да го направам ова, можев да го кажам тоа“, не, тоа не сум јас. Направив максимум што можев и зедов сѐ што можев да земам – вели Тоти.
СКУДЕТО СО ТИМОТ ОД ДЕТСТВОТО
Да се освои макар едно „скудето“ за тимот од детството, во градот во кој сте родени, е нешто посебно. Тоти има кажано дека „скудетото“ во Рим вреди како 10 во друг град. Во 94-годишната историја, Рома само трипати триумфирала во Серија А. Тоти се сеќава дека славењето на таа титула во 2001 година траело цело лето и потоа. За него тоа беше на повисоко ниво дури и од другиот голем триумф во кариерата, освојувањето на Светското првенство (СП) со Италија во 2006 година.
– Ме нарекуваат луд и не можат да го прифатат тоа. Очигледно Светското првенство е врв на секоја кариера, но ова е повеќе случај за оние што освојуваат титули секоја година, како играчите на Јувентус, отколку за оние што речиси никогаш не победуваат. За нас, најдоброто нешто е скудетото, а мојата најголема мака е тоа што не го освоив барем уште еднаш – пишува Тоти во книгата.
Тоа е перспектива на фудбалер што, исто така, бил навивач, романист и, можеби посуштински, римјанин.
– Градот во кој сте родени секогаш е најубав. Тоа важи за сите, местото од каде што сте има посебна привлечност. Дури и Рим, за мене најубавиот град на светот… На крајот, сите сме еднакви. Некои повеќе, некои помалку – вели Тоти.
Тој е она што Италијанците го нарекуваат „бандиера“, фудбалер чија посветеност на својот клуб е таква што станува негово „знаме“, жив симбол.
– Почнав во различни времиња. Поинаков фудбал, базиран на љубов, на љубов кон навивачите. Играјќи за тимот за кој навивав, ми беше многу полесно да го направам изборот. Дваесет и пет години во еден тим не е мала работа, а да се биде капитен, да се биде еден од најважните играчи, секогаш треба да се вреднува. Но да се направи споредба помеѓу моето време и денес, тешко е. Денес е повеќе бизнис. Одите таму каде што можете да заработите повеќе пари – вели Тоти.
МИЛАН, РЕАЛ МАДРИД…
Кога слушате како Тоти го објаснува тоа, помислувате дека се пензионирал пред четири децении, а не пред четири години. И тој имал можности да го следи „кешот“. Кога Реал Мадрид го направи последниот обид да го ангажира, во 2006 година, тој се сеќава на понудата што би го направила најдоброплатениот играч на светот. Тоа беше една од трите ситуации кога кариерата и животот на Тоти можеа да тргнат во друга насока. Тој ги дефинира тие моменти според филмот „Лизгачки врати“ со Гвинет Палтроу од 1998 година. Првата беше можноста да му се приклучи на младинскиот систем на Милан на 12 години, кога нивниот спортски директор Ариедо Браида се појави на влезната врата на неговото семејство, пред клубовите во Рим да покажат интересирање. Следната беше во сезоната 1996/1997, кога тренерот на Рома, Карлос Бјанки, сакаше да го ангажира Јари Литманен на местото на Тоти. Последната беше големата понуда од Мадрид.
Одлуката да му каже не на Милан е донесена заедно со неговите родители, кои се советувале со пријател од Италијанската фудбалска федерација. Милан штотуку ја освои Серија А, а за Тоти тој беше „највозбудливиот тим што некогаш сум го видел, единствениот во кој фантазирав да играм“. Доколку неговите родители сметале дека чекот од 150 милиони лири (75.000 евра) е предобар за да се одбие, тој сигурно би завршил во „црвено-црниот“ дрес.
– Искрено, не. Одлуките секогаш ги носев јас, со своја глава. Често родителите ќе ви дадат совет. И правилно е да ги слушате. Но, на крајот, бидејќи бев толку млад, знаев дека имам време и оти иднината е пред мене – се потсетува Тоти.
Мадрид беше друга работа. Тоти се наближуваше до 30-от роденден во летото 2006-та и, како новокрунисан светски шампион, знаеше дека одредени можности нема да постојат засекогаш. Тие се обидоа да го ангажираат пет години порано, но тогаш Рома ја отфрли понудата без да се интересира како се чувствува тој.
– Секако дека размислував за тоа. Да речеме дека имаше неколку дена во кои едната нога беше внатре, а едната надвор. Потоа, чесно и искрено реков дека изборот да останам со Рома е направен од срце. Во тие моменти, кога се чувствувате така, не можете да заминете. Реал беше единствениот друг тим за кој можев да играм. Искуството во друга земја може да биде нешто убаво за секого. За моето семејство, за мене… Кога правиш избор со својата глава, тоа никогаш не може да биде погрешен избор – објаснува Тоти.
Повеќе од еднаш, Тоти се навраќа на зборот „дестино“ или судбина, додека зборува за клучните моменти во неговиот живот и кариера. Но тој не е фаталист. Според Тоти, Рома го известила дека времето му истекува на отсечен начин, прашувајќи го пред мечот против Лацио во пролетта во 2017 година дали сака да каже неколку збора пред неговото последно дерби. За човек што одлуките најлесно ги донесувал по слободна волја, оваа загуба на автономија беше тешко да се прифати.
Никогаш не сакате да запрете. Искрено, не го прифатив тоа најдобро во почетокот. Но, полека, се согласив со идејата дека тоа е вистинската работа – вели Тоти.
Нема тага, како што вели Тоти, околу тоа што клубот не му нашол некоја друга улога, иако ова можеби е прашање на семантика.
Секако дека тоа не ме прави среќен, бидејќи секогаш ја ставав Рома пред сѐ и секого. Но, како што реков претходно, ова е судбина… Ако ми се јават еден ден, ќе треба да разговараме за работите и да видиме.
„Треба да го имате тоа во себе, не можете да работите за да станете талент“
Во моментов, фокусот на Франческо Тоти е на спортската консултантска компанија што ја отвори, со филијали за откривање и за менаџирање млади таленти.
– Главната цел во моментов е да се најдат надежни млади играчи. Не знам дали ќе биде едноставно, но ќе се обидам со сѐ што имам за да успеам – вели Тоти.
Едно од прашањата е дали ќе се обиде да им ја пренесе својата мудрост на младите играчи.
Нема лекции. Има работи што или ги имате или не во себе, за да стигнете до одредено ниво. Се разбира, со решителност, желба, пожртвуваност, можете да постигнете некои цели. Но за да бидете талент, треба да го имате тоа во себе. Не можете да работите за да станете талент – вели тој.