Според анализата на ЦИЕС, тимовите на врвот на групата прогресивно освојувале повеќе бодови и значително ја подобриле нивната гол-разлика, а процентот на нерамноправни мечеви (победи барем со три гола разлика) во групната фаза се зголемил од 16,9 проценти во периодот 2003-2007, на нов рекорд од 22,9 отсто помеѓу 2015 и 2018 година
Различни анализирани индикатори покажуваат јасен тренд кон помала рамнотежа и поголема предвидливост на мечевите во групната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ) од 2003 година досега, покажа анализата на Фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС) од Швајцарија.
Првичната анализа се фокусира на распределбата на бодовите на крајот од групната фаза. Оваа анализа покажува дека тимовите на врвот на групата прогресивно освојувале повеќе бодови по меч (од 2,11 од 2003 до 2006 година до 2,26 во сезоните од 2015-та) и значително ја подобриле својата гол-разлика. Истата анализа за тимовите на дното на групите покажува спротивен тренд. Освоените бодови по меч од овие клубови се движеле од 0,59 по натпревар помеѓу 2003 и 2006 година до 0,45 во текот на последните четири сезони. Гол-разликата, исто така, се влоши од -6,7 на -9,1 помеѓу првиот и последниот период опфатен во студијата.
Втората анализа е за следење на еволуцијата на натпреварувачката рамнотежа во ЛШ, а се состои од мерење на просечната гол-разлика на мечевите од групната фаза. Таа анализа го потврдува постоењето на постојан пад во натпреварувачката рамнотежа. Процентот на нерамноправни мечеви (победи со барем три гола разлика) се зголеми од 16,9 проценти во текот на првите четири анализирани сезони, на нов рекорд од 22,9 отсто помеѓу 2015 и 2018 година.
По сѐ, ЦИЕС заклучува дека според сегашната поставеност, со ист број учесници, само подобра дистрибуција на ресурсите на меѓународно ниво и на национално ниво ќе овозможи поголема рамнотежа во групната фаза од ЛШ. Сепак, ова решение би било во спротивност со финансиски доминантните клубови, смета ЦИЕС, а центарот посочува алтернативно решение во драстично намалување на бројот на учесници во групната фаза, со што, пак, би се исклучиле уште повеќе земји со помалку развиен фудбалски пазар, а тоа, според ЦИЕС, би одело и против улогата на УЕФА и би предизвикало големо спротивставување. Добар компромис би се состоел од намалување на бројот на учесници во групната фаза, притоа одржувајќи отворен систем на натпревари. Компромисот би бил и да се гарантира поголем процент од приходите за клубови што учествуваат на другите европски натпреварувања и да ја зајакнат солидарноста кон другите земји и клубови, велат од Фудбалската опсерваторија.