По 30 години чекање, Ливерпул повторно е доминантен. Ланските шампиони на Европа сега станаа и прваци на Англија, предводени од германскиот тренер што ги маѓепса и клубот и градот, пишува „Си-ен-ен“. „Црвените“ синоќа ја освоија Премиер-лигата по 31 одиграно коло, во кои стекнаа недостижна предност од 22 бода во однос на второпласираниот Манчестер сити.
Трансформацијата на Ливерпул е неверојатна. Малкумина веруваа дека славниот клуб повторно ќе биде крунисан откако децениите на разочарувања и на лажна надеж ги намалија очекувањата. Дури и оптимистите станаа скептици. А падот на империјата се случи долго пред доаѓањето на Клоп.
Германецот го наследи Брендан Роџерс во октомври 2015 година кога Ливерпул се наоѓаше на 10-то место во англиската Премиер-лига. Лузните од доаѓањето на дофат на шампионската титула во 2014 година уште не беа заздравени, а клубот остана без некои клучни фудбалери – Стивен Џерард замина во Лос Анџелес галакси, а Суарез во Барселона.
Но харизматичниот Клоп со силен карактер вети промени. Иако му беа потребни неколку години да стигне до титулата, веднаш имаше влијание врз клубот.
– Мораме да ги претвориме скептиците во верници. Веднаш – беа впечатливите збориви на Клоп во неговото прво интервју откако стана менаџер на Ливерпул.
На тој начин Клоп им даде надеж на навивачите, уште пред првиот меч на „црвените“ под негово водство.
Неговите зборови беа совршени, како поезија. Ова е град на сонувачи, па кога Клоп рече дека негова цел е да го врати Ливерпул на врвот на табелата за пет години, а да освои трофеј по три години, тоа беше нешто што чекавме долго време да го слушнеме. Клоп имаше долгорочни цели, поголеми и од оние на навивачите. И управата имаше визија – филозофијата дека никогаш нема да прифатиме да бидеме второпласирани, која ние како навивачи ја заборавивме – вели Ден Филдсенд, автор на книга посветена на Ливерпул.
Наспроти визијата и минатиот успех со Борусија Дортмунд, со која двапати беше првак, a еднаш го освои купот на Германија, Клоп се соочуваше со голем подвиг. Но, на харизматичнот стратег му беа овозможени време и средства за успех на „Енфилд“, а навивачите беа трпеливи бидејќи имаа верба во него. Иако Ливерпул не стана шампион веднаш, напредокот беше видлив секоја година.
– Јас давам се од себе, очекувам од моите играчи да дадат се од себе. Тогаш ќе видиме што ќе добиеме. Тоа го создава менталитетот на тимот – кажа Клоп во неодамнешно интервју.
Имаше и сомнежи. Клоп загуби три финалиња пред да ја освои Лигата на шампионите со Ливерпул, а кога минатата сезона заврши на втората позиција по тесната трка со Манчестер сити, многумина се прашуваа дали клубот ќе успее да се врати по таков болен неуспех.
Одговорот на Ливерпул беше јасен и 30-годишното чекање на титулата заврши. Човекот кој дава се од себе, побара од фудбалерите и навивачите да го усвојат неговиот менталитет, за што сите беа наградени.