Значи, нашиот предлог ќе биде да има толеранција 10-20 сантиметри за офсајд. На мечевите во УЕФА немаме многу интервенции затоа што нашиот шеф на судиите, Росети, на судиите во ВАР им препорача дека „мора да има јасна и очигледна грешка“, вели Чеферин
Првиот човек на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин, порача дека е незадоволен од технологијата видеопомошник-судија (ВАР) и нејзиниот начин на кој дејствува врз фудбалската игра.
– Ако имате голем нос, можно е да се најдете во офсајд. Исто така, линиите се нацртани од ВАР. Тоа е малку субјективно цртање на објективни критериуми. Значи, нашиот предлог ќе биде, за тоа ќе разговараме со нашиот судиски оддел, да има толеранција 10-20 сантиметри. На натпреварите во УЕФА немаме многу интервенции затоа што нашиот шеф на судиите, Роберто Росети, им препорача на судиите во ВАР дека „мора да има јасна и очигледна грешка“ – вели Чеферин, пренесоа британски медиуми.
Неодамна во Нион тој имал состанок со најдобрите фудбалски тренери во светот, меѓу кои Германецот Јирген Клоп, Шпанецот Пеп Гвардиола, Французинот Зинедин Зидан, Италијанецот Карло Анчелоти и други.
– На состанокот со најдобрите фудбалски тренери претставникот на судиите Роберто Росети од Италија ни прикажа момент на играње со рака на еден натпревар и нѐ праша дали сметаме дека е тоа пенал. Половина од присутните се согласија дека е пенал, а втората половина дека не е пенал. Па, тогаш кажете ми колку е јасно ова правило. Ништо не знаеме – вели Чеферин, кого го мачи и тоа што од лига во лига ВАР-технологијата различно се користи.
Очигледно нејаснотиите околу ВАР-технологијата, која се воведе како видеопомошник токму за решавање на спорните ситуации, сѐ уште ја збунува фудбалската јавност. Колку поскоро се искристализираат некои прашања толку подобро за фудбалот. Светската фудбалска федерација (ФИФА) првпат ја воведе ВАР-технологијата на Светското првенство во Русија во 2018 година, а одделни фудбалски првенства во различен период. Таа веќе се користи во Италија, Шпанија, Германија, Франција, САД…, од годинава и во Англија, а можеби најдалеку отиде Германија, каде што се применува и во Втората лига. Од февруари годинава ВАР се користи и во Лигата на шампионите (ЛШ).