Системот ВАР би требало да биде задолжителен и на мечевите во квалификациите за СП 2022
На плејоф-натпреварот од Лигата на нациите, за пласман на Европското првенство (ЕП) во фудбал годинава, Македонија – Косово, на 26 март во Скопје, на арената „Тодор Проески“, како што најави Европската фудбалска унија (УЕФА), ќе се користи системот видеопомошник-судија (ВАР).
– Пред неколку дена во Скопје, во инспекција на арената беа луѓе од УЕФА за да видат какви се условите за инсталирање на технологијата ВАР, која ќе ја обезбеди англиската фирма „Хок-ај“ (око соколово – н.з.), која тесно соработува со УЕФА и има искуство со вакви и слични уреди (технологија за гол-линијата – н.з.). Тие беа задоволни од условите што ги нуди арената, ја одбраа и просторијата во поттрибинскиот простор каде што ќе бидат сместени судиите и мониторите, како и местото за мониторот покрај теренот. Останува пред мечот да се инсталираат уредите и да се направи генералната проверка. Целата оваа работа е во ингеренција на УЕФА, ние тука немаме никаков удел. ВАР би требало да биде задолжителен и на мечевите во европските квалификации за Светското првенство во 2022 година, а повеќе детали за тоа би требало да бидат познати наскоро, до Конгресот на УЕФА во март – вели генералниот секретар на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Филип Поповски.