Продолжувањето на шампионатите по 30 јуни би можело да предизвика повеќе видови правни проблеми, бидејќи на многу фудбалери тогаш им истекуваат договорите со клубовите
Во светот на фудбалот, 30 јуни обично поминува незабележано, како уште еден ден во паузата по сезоната, но може да биде најважниот ден и оваа година би можело конечно да се сфати зашто е тоа така. Минатата недела, на итниот состанок на Европската фудбалска унија, на кој се разговараше за реакцијата на европскиот фудбал на пандемијата на коронавирусот, националните лиги во Европа „се обврзаа“ да ги завршат сезоните „најдоцна“ до 30 јуни. Во вакви неизвесни времиња нема гаранции дека фудбалот дотогаш ќе почне да се игра, а камоли да се заврши сезоната 2019/2020. Всушност, со секој изминат ден од кризата, завршувањето на сезоната до крајот на јуни изгледа премногу оптимистички, се вели во написот на англискиот „Индепендент“.
Многуте инволвирани во фудбалот, клубови, играчи, агенти, функционери и други заинтересирани, имаат повеќе од три месеци да најдат некакво решение, но проблемот е во тоа што се на милост и немилост на пандемијата и на тоа како ќе реагираат властите низ светот. Без оглед на тоа како ќе се дејствува, се чини дека повеќе од сигурно е дека 30 јуни 2020 година нема да означи беспрекорна транзиција од една во друга сезона. Фудбалските власти во Англија објавија дека би можеле да ја продолжат кампањата 2019/2020 „на неодредено време“ до нејзиното комплетирање. Но одолжувањето по 30 јуни би можело да предизвика повеќе видови правни проблеми. Најголемиот и најпознат е тоа што на 30 јуни им истекуваат договорите на многу играчи.
– Невообичаено е фудбалски договор да не заврши на 30 јуни, освен ако не станува збор за договор од месец за месец или за договор за заем – објаснува Дејвид Селигман, спортски адвокат.
Секој премиерлигашки клуб има барем еден играч што ќе стане слободен агент доколку не потпише нов договор пред крајот на јуни. Доколку сезоната не заврши до истекувањето на тие договори, би имало прашања во врска со спортскиот интегритет на натпреварувањето, а потенцијално тимовите би останале без клучните играчи во најкритична фаза од сезоната.
За фудбалерите постојат повеќе битни прашања пред почетокот на преодниот рок на 1 јули. Дали ќе бидат осигурени доколку продолжат да играат? Што ќе се случува ако се повредени? Едно од решенијата е да ги продолжуваат договорите „месец за месец“ додека не заврши сезоната. Некои играчи, како Вилијан од Челси, јавно кажуваат дека се подготвени да го сторат тоа.
– Има играчи што нема да сакаат да ги продолжат договорите, а има и клубови што ќе ги одбројуваат деновите до истекот на договорите – вели Селигман.
Компликациите не завршуваат тука. Договорите не се само со датуми на почнување и завршување и за плати. Треба да се имаат предвид бонусите за лојалност и за настапи, што може да предизвика правни спорови ако сезоната почне доцна. Крајните рокови за исплата често се напишани во договорите, бидејќи се смета дека се утврдени точните датуми на летните и на зимските преодни рокови. Сега, замислете дека преодниот рок е презакажан и треба да почне на 1 октомври, а играчот што добил бонус за лојалност во септември, го напушта клубот. Во таква ситуација, клубот би можел да ги бара парите назад, што веројатно ќе доведе до судска парница. Бонусите за постигнувањата на теренот би можеле да бидат уште еден предмет на спорови.
Покрај фудбалерите, и клубовите се подложни на губење пари од спонзорите, особено од оние чија изложеност на брендот е поврзана со натпреварите, како на пример оние што се рекламираат. Многу спонзори би можеле да го одложат плаќањето што би претставувало голем проблем за клубовите, особено на оние од пониските лига, кои не можат да остварат значителни приходи од ТВ-правата, како клубовите од Премиер-лигата.
– Ако вашиот бренд не се рекламира затоа што клубот не игра, зошто би платиле за спонзорство кога не добивате услуги за возврат – вели Селигман.