Сакаме да испратиме сигнал за солидарност. Во овие тешки времиња, важно е посилните да ги поддржат послабите, изјави главниот извршен директор на Баерн, Карл-Хајнц Румениге, за акцијата на Баерн, Лајпциг, Борусија Д. и на Баер, за помош од 20 милиони евра за другите клубови во Германија за време на пандемијата на коронавирусот

Дека ќе има намалување и одложување на платите на фудбалерите во клубовите низ Европа е јасно, тоа нема да биде едноставно решение на проблемот со кој се соочуваат речиси сите клубови во оваа кризна ситуација, но е неизбежно, бидејќи, според процените на Европската фудбалска унија (УЕФА) во 2018-та, 64 отсто од приходите на клубовите отишле на плати, пишува британски „Гардијан“. Оттаму, не е ни чудо, бидејќи приливот на пари е „секнат“ на неодредено време, што клубовите бараат начини како да се справат со ситуацијата.
Премиер-лигата преговара со играчите за одложување и за намалување на платите и до 50 отсто, бидејќи е голема веројатноста фудбалот да биде суспендиран и по 30 април. Сите клубови во Премиер-лигата ги прекинаа активностите, со тоа што клупскиот персонал работи од дома, а играчите тренираат сами, бидејќи терените се затворени. Недостигот од натпревари доведе до тоа клубовите да не заработуваат врз дневна основа, од продажба на билети и од други комерцијални зделки, како и пари од ТВ-правата.

Мнозинството клубови во Премиер-лигата се имуни на финансиските тешкотии со кои се соочуваат екипите во пониските лиги, пишува „Гардијан“, но и додава дека само неколкуте најголеми и најбогати клубови може да одржат подолгорочни прекини на натпреварите. Во Чемпионшип веќе се направени измени. Лидс, лидерот на табелата, најави дека играчите, тренерскиот персонал и менаџментот се согласиле на одложување на платите за да може нефудбалскиот персонал редовно да добива плата. Бирмингем ги замолил своите играчи да ја одложат исплатата за наредните четири месеци. Според „Гардијан“, клубови во Скандинавија им порачале на странските играчи дека ќе им ги намалат платите од 25 до 50 отсто доколку во периодот на пандемијата бидат во нивните татковини.

Четирите најдобри клубови во Бундес-лигата, Баерн, Борусија Дортмунд, Лајпциг и Баер, ветија 20 милиони евра во знак на поддршка за другите германски клубови за време на коронавирусот. За тоа како ќе се распределат парите ќе одлучи Германската фудбалска лига (ДФЛ).
– Сакаме да испратиме сигнал за солидарност до сите клубови во Бундес-лигата и во Бундес-лигата 2. Во овие тешки времиња, важно е посилните да ги поддржат послабите – изјави главниот извршен директор на Баерн, Карл-Хајнц Румениге.
Последниот натпревар во Бундес-лигата се одигра на 11 март, а фудбалот во најсилните лиги во Германија беше суспендиран на 13 март.

– Отсекогаш сме велеле дека ќе покажеме солидарност доколку клубовите, без своја вина, се соочат со тешкотии што не можат да се надминат – вели главниот извршен директор на Борусија, Ханс-Јоаким Вацке.
Борусија Дортмунд објави и дека нејзините играчи се согласиле на намалување на платите, потег што Вацке го нарече „вреден знак на солидарност“. Тоа го сторија и Баерн и Борусија Менхенгладбах.


Шпанската ФА ќе формира фонд од 500 милиони евра за клубовите

Шпанската фудбалска федерација (РФЕФ) ќе формира фонд вреден 500 милиони евра за да им помогне на клубовите што се соочуваат со финансиски проблеми, поради пандемијата на коронавирусот. Парите треба да им помогнат на клубовите што ќе останат без приход од ТВ-правата од периодот кога не се играат натпревари. Исплатата на тие пари би се извршила во период од пет години. Покрај тоа, РФЕФ вети дека ќе им позајми четири милиони евра на непрофесионалните машки и женски тимови.
– Сакаме да седнеме со клубовите во Ла лига за да разговараме за проблемите што ги имаат. Мојата порака е за здруженост, надеж и дисциплина. Фудбалот, од најниско ниво па до елитниот, треба да испрати порака на солидарност, заедно да го запреме овој вирус – изјави претседателот на РФЕФ, Луис Рубиалес, кој на здравствените служби на земјата им ги понуди хотелот и персоналот на националниот тим, вклучувајќи психолози и физиотерапевти.