Одличниот настап на Езџан Алиоски во дресот на Лидс против Арсенал е засенет од критиките, но и навредите со кои неправедно се соочува македонскиот фудбалски репрезентативец по дуелот со противничкиот играч Никола Пепе во текот на вчерашниот меч од англиската Премиер-лига.
Пепе доби директен црвен картон во 51-та минута од средбата што заврши без голови, откако намерно го удри со глава Алиоски, во дуел без топка. Дел од англиската спортска јавност смета дека македонскиот крилен фудбалер паднал театрално по добиениот удар.
Поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед, Патрис Евра, рече дека Алиоски заслужува „оскар“, сугерирајќи дека македонскиот репрезентативец ја изглумил реакцијата по ударот.
– Алиоски заслужува „оскар“. Тој играше толку добро, да бев јас тренер на Лидс, ќе бев многу среќен со него, но ве молам, тој изгледаше како да го скршил носот – кажа Евра.
По мечот и дефанзивецот на Арсенал Кјеран Тирни се обиде да се пресмета со Алиоски, но останатите фудбалери спречија да дојде до инцидент.
Заедничко за двајцата учесници во спорниот дуел, Пепе и Алиоски, е што станаа цели на навреди на социјалните мрежи, а се појавија информации и дека биле упатени и закани кон семејството на македонскиот фудбалер. Арсенал и Лидс соопштија дека соработуваат со полицијата, со цел да се осигурат дека оние ги упатиле навредите и заканите ќе бидат санкционирани.
Алиоски забележа седум првенствени настапи сезонава за новиот премиерлигаш Лидс, кој се наоѓа на 14-то место на табелата со 11 бода по девет одиграни кола.