Во осминафиналето, чии први натпревари се играат утревечер и в среда, избегнати се дуелите помеѓу клубови од иста земја и од иста група, но и покрај тоа нема сомневања дека ќе има многу возбудувања
По двомесечната пауза утревечер и в среда (во термините од 21 часот) со првите четири осминафинални натпревари продолжуваат возбудувањата во елитната Лига на шампионите (ЛШ) во фудбал. Со полудиригираната ждрепка за оваа фаза беа избегнати дуелите помеѓу клубови од иста земја и помеѓу тимови што веќе сезонава играа во иста група, но и покрај тоа нема сомневања дека следуваат квалитетни и докрај неизвесни дуели. Имајќи ги предвид квалитетите, искуството, реномето, па и минатиот труд, може да се каже дека нема изразити фаворити односно шансите на сите екипи за пласман во следната четвртфинална рунда се израмнети.
Новитет во оваа фаза е воведувањето на системот видеопомошник-судијата (ВАР) иако првичните најави на УЕФА беа дека тоа ќе биде сторено од следната сезона. Но апелите за избегнување евентуални судиски грешки, како и, главно, позитивното искуство од Светското првенство (СП) лани во Русија беа пресудни за воведување на таа технологија и во ЛШ.
Како потсетување, титулата од лани, и од минатите три години, ја брани Реал Мадрид, кој во финалето во Киев го совлада Ливерпул со 3-1. „Кралевите“ сезонава останаа беа Кристијано Роналдо и без тренерот Зинедин Зидан, потоа и без Хулен Лопетеги, кој доби отказ (привремен тренер е Сантијаго Солари) и се далеку од ланската форма. Но огромното искуство и неоспорниот квалитет се гаранција дека нивните шанси не треба да се потценат, напротив.
Големи амбиции, најмалку пласман во финалето, има и Барселона предводена од Лионел Меси, кој уште поодамна најави дека триумфот во ЛШ сезонава е приоритет за каталонскиот клуб. Истото важи и за Јувентус, кој токму затоа го ангажира Роналдо и не се задоволува со доминацијата во Италија. Големи апетити имаат и Манчестер сити, во таа категорија е и ПСЖ, па и Баерн, Ливерпул, Манчестер јунајтед и другите, без исклучок.
Лигата на шампионите во сегашниот формат постои од 1992 година, заменувајќи го дотогашниот Куп на европските шампиони (КЕШ), кој почна во 1955 година. До 1992 година се играше според нокаут-систем и се натпреваруваа само шампионите на своите земји. Од повеќето европски лиги во ЛШ уште играат само шампионите, но од четирите најсилни лиги во Европа, Англија, Шпанија, Италија и од Германија во групната фаза има по четири екипи.
Во новата сезона во фудбалската Лига на шампионите ќе се свртат 3,4 милијарди евра (бруто). Само за настап во групната фаза клубовите добија по 15 милиони евра (до лани по 12,7 милиони), а победата се наградуваше со 2,7 милиони евра (порано 1,5). Шампионот само од наградите може да инкасира 75 милиони евра, плус пари од ТВ-правата и другите маркетиншки договори, веројатно многу над 100 милиони.
За споредба, пред 10 години вкупната сума намената за 32-та клуба изнесуваше 580 милиони евра. Тогаш за учество во групната фаза се добиваа по три милиони евра (сега пет пати повеќе), за секој одигран меч по 400.000 евра, без разлика на исходот, за победа по 600.000, а за реми 300.000 евра.
ОСМИНАФИНАЛЕ
12 февруари
Манчестер јунајтед – ПСЖ
Рома – Порто
13 февруари
Тотенхем – Борусија Дортмунд
Ајакс – Реал
19 февруари
Лион – Барселона
Ливерпул – Баерн
20 февруари
Шалке – Манчестер сити
Атлетико Мадрид – Јувентус
Сите мечеви се од 21 часот. Реваншите се предвидени за од 5 до 13 март