Претседателот на Барселона, Хосеп Марија Бартомеу изјави дека италијанскиот шампион Јувентус е фаворит во Лигата на шампионите поради привлекувањето на Кристијано Роналдо.
Според него, трансферот ќе се покаже клучен за „бјанконерите“ во нивната борба да го освојат турнирот првпат од 1996 година. Оттогаш, тимот од Торино играше во пет финалиња, но загубија сите.
– Андреа Ањели, (претседателот на Јувентус), направи удар. За мене тоа е тажна приказна, бидејќи Ла Лига загуби нова голема ѕвезда по Нејмар. Овие договори се негативни за шпанскиот фудбал. Не ме интересира фактот дека Реал Мадрид можеби е ослабен, бидејќи ги сакаме најдобрите фудбалери во нашето првенство. Само тогаш можеме да се натпреваруваме со Премиер лигата, која е најбогатиот шампионат-изјави Бартомеу во интервју за „Газета дело Спорт“, по што зборуваше и за позитивните работи, кои Јувентус ќе ги добие со португалската ѕвезда.
„Старата дама“ го зеде петкратниот добитник на „Златната топка“ од Реал за 117 милиони евра.
– Роналдо ќе го подобри не само тимот, но и Серија „А“. Што се однесува до Лигата на шампиони, се согласувам со Лео Меси – Јувентус има поголема шанса да го освои турнирот со Кристијано- додаде шефот на Барса.
Италијанците го започнуваат учеството во турнирот утре вечер со гостување кај Валенсија. Натпреварот на „Местаља“ започнува во 20.55 часот, а во групата се уште Манчестер Јунајтед и Јанг Бојс.