Се очекува да биде надмината сумата од 990 милиони евра инкасирана во текот на сезоната 2018/2019
Шпанскиот фудбалски првак Барселона соопшти дека е подготвен да оствари приход од над една милијарда евра во сезоната 2019/2020, една година порано од предвидувањата. Барса, која работи со добивка секоја година, од сезоната 2011/2012, зголемувањето на профитот планира да го оствари благодарение и на делумното намалување на трошоците за плати на „Ноу камп“.
Потпретседателот на Барса, Енрике Томбас, се пофали со избалансираниот пристап на клубот кога станува збор за трошењето пари на трансфер-пазарот. Барселона ангажира неколку нови, скапи играчи за новата сезона, вклучувајќи ги Антоан Гризман и Френки де Јонг, но, исто така, продаде или позајми неколку играчи, што помогна да се избалансираат финансиските „книги“.
Ова најмногу се однесува на Филипе Кутињо, кој му е позајмен на Баерн, а германскиот клуб го презеде поголемиот дел од неговата плата, што помогна да се намалат вкупните трошоци за плати и да се избегне прекршувањето на правилата за финансиски ферплеј.
Како резултат на ова, се очекува да биде надмината сумата од 990 милиони евра инкасирана во текот на сезоната 2018/2019.
– Продажбата на играчи е од суштинско значење за клубот. Ние сме во одлична финансиска кондиција, платите се намалени за три проценти, што ни овозможува да планираме за иднината. Приоритет ни е да имаме конкурентен тим и досега не сме продале ниту еден играч што бил успешен. Барселона е концентрирана на ангажирањето врвни фудбалери, целта ни е да го имаме најдобриот можен тим, но и финансиски да бидеме стабилни – истакна Томбас.
Клубот во минатата година, по платениот данок, имал добивка од пет милиони евра. Очекувањата се приходите да се зголемат двојно повеќе, на 11 милиони евра, во следната сезона.