Барселона е јасен пример за клуб што се приспособува на променливите услови на пазарот, намалувајќи ја зависноста од приходите од ТВ-правата и фокусирајќи се на растечките приходи под нејзина контрола, коментира Дан Џонс, партнерот на „Делојт“, кој очекува Барселона наскоро да стане првиот клуб што ќе оствари приход од над една милијарда евра
Барселона во сезоната 2018/2019 заработила повеќе пари од кој било фудбалски клуб во Европа, 840,8 милиони евра, и е првиот клуб со приходи од над 800 милиони, се наведува во студијата на бизнис-групацијата „Делојт“. Реал падна на второто место со 757,3 милиони, а трет е Манчестер јунајтед со 711,5 милиони евра. Вкупно, првите 20 клуба на листата заработиле 9,3 милијарди евра, што е зголемување за 11 отсто во споредба со сезоната 2017/2018, се наведува во 23-то издание на „фудбалската парична лига“ на „Делојт“.
За Манчестер јунајтед се истакнува дека следната година постои ризик првпат да ја загуби позицијата на клуб со најголема заработка во Премиер-лигата. Големиот раст на приходите на Барса се базира врз преземањето на продажбата на клупските производи и на лиценцните активности под своја надлежност.
– Барса е јасен пример за клуб што се приспособува на променливите услови на пазарот, намалувајќи ја зависноста од приходите од ТВ-правата и фокусирајќи се на растечките приходи под нејзина контрола – коментира Дан Џонс, партнерот на деловната групација „Делојт“, кој очекува Барселона да остане број еден на оваа листа и следната година и прв клуб што ќе оствари приход од над една милијарда евра во наредните години.
Од „Делојт“ велат дека има „многу начини да се испита релативното богатство или вредноста на фудбалските клубови“, но нејзината метрика за приходи е извлечена директно од финансиските извештаи на клубовите. Парите од ТВ-правата се најзначајни за клубовите, со 44 отсто во вкупниот приход.
– Влијанието на учеството во натпреварувањата на УЕФА врз приходите е евидентно, како во Лондон, така и во северозападниот дел од Англија. Растот на заработката на Ливерпул, Манчестер сити и на Тотенхем се базира на играњето во нокаут-фазата во ЛШ. Релативниот пад на приходите на Арсенал, пак, е директен резултат на неиграњето во ЛШ, втора сезона по ред, нешто што може да го снајде и Манчестер јунајтед – вели Сем Бур, менаџер во „Делојт“.
Англиската Премиер-лига дава најголем придонес, со осум екипи, меѓу првите 20 во „паричната лига“. Од Италија има четири, од Шпанија и од Германија по три и од Франција два клуба. Тотенхем е осми, највисоката позиција за овој клуб, кој ги престигна градските ривали Арсенал и Челси и првпат по сезоната 1996/1997 е водечки лондонски клуб според заработката.
Роналдо му носи приход на Јуве
Италијанскиот фудбалски првак Јувентус се врати меѓу првите 10 и според „Делојт“, а тоа се должи на ангажирањето на Кристијано Роналдо, со што се „зголемила комерцијалната привлечност на Јувентус“. Роналдо има повеќе следбеници на Инстаграм отколку Реал и Барселона заедно.
– Како резултат на тоа, Јуве забележа пораст на приходите од комерцијалните зделки делумно како резултат на поголемата присутност на брендот во јавноста во сезоната 2018/2019. Клубот ги зголеми приходите од продажбата на своите производи како резултат на доведувањето на Роналдо – проценува „Делојт“.
ЛИСТА НА „ДЕЛОЈТ„ КЛУБ СУМА
Барселона 840,8
Реал 757,3
Манчестер Ј. 711,5
Баерн 660,1
ПСЖ 635,9
Манчестер С. 610,6
Ливерпул 604,7
Тотенхем 521,1
Челси 513,1
Јувентус 459,7
Арсенал 445,6
Борусија Д. 377,1
Атлетико 376,6
Интер 364,6
Шалке 324,8
Рома 231
Лион 220,8
Вест Хем 216,4
Евертон 213
Наполи 207,4
сумите се во милиони евра за заработка во сезоната 2018/2019