Македонските репрезентативци денеска треба да заминат за Виена каде што утревечер ќе се сретнат со Австрија во претпоследниот квалификациски меч за пласман на ЕП 2020
Македонските фудбалски репрезентативци ги завршија мини-подготовките во Скопје и претпладнево треба да заминат за Виена на натпреварот утре против селекцијата на Австрија, на стадионот „Ернст Хапел“ (од 20.45 часот), претпоследен во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година.
Пред овој меч селекторот на репрезентацијата на Македонија, Игор Ангеловски, беше на големи маки поради повредите и суспензиите на повеќемина фудбалери.
Ангеловски постојано истакнува(ше) дека мотиви не недостигаат и оти не е сеедно дали Македонија ќе го освои третото или петтото место во групата, но и дека веќе размислува за настапот во плејофот во Лигата на нациите (ЛН) напролет.
Македонскиот репрезентативец Енис Барди, играчот на шпанскиот Леванте, вели дека претстојните два натпревара се многу важни и оти треба да се влезе со најголема концентрација за да се оствари позитивен резултат.
– Мораме да извлечеме поука од првиот дуел со Австрија (во Скопје беше 1-4 – н.з,), кога направивме многу грешки на тој меч, имавме лош ден. Ќе биде тешко да се игра против Австрија на нивни терен, физички се силни, но оваа наша селекција има многу добри играчи и сметам дека дуелот во Виена ќе биде уште поголем мотив.
Ние сме професионалци и играме за да бидеме подобри. Годинава беше добра за нас, направивме одлични работи и овие два меча можат да ни помогнат да одиме напред. Дуелите што ни следуваат ни значат многу, сѐ уште имаме една шанса да одиме на ЕП 2020, а тоа е преку Лигата на нациите. Мора да бидеме концентрирани и да дадеме максимум, а нашата цел е пласман на Европското првенство – вели Барди за интернет-страницата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).