ФУДБАЛ – ГЕРМАНИЈА

Европскиот и германски шампион, Баерн, во вистински трилер-натпревар ремизира на арената „Алијанц“, со Лајпциг, 3-3 (трипати асистираше Кингсли Коман), во 10-то коло од германската фудбалска Бундес-лига. Баерн и на четвртиот меч по ред прв прими гол, но потоа успеа да ја надомести негативата, двапати победи, а двапати ремизира.
Првиот гол за Баварците го постигна 17-годишниот Џамал Мусиала, кој е роден во Германија, но има англиски пасош и настапува за младата селекција (до 21 година) на таа земја. Тој на минатите натпревари постигна три гола, влегувајќи во игра од клупата за резервни играчи, и е четвртиот фудбалер на таа возраст, по Кристијан Пулишиќ, Тимо Вернер и Каи Хаверц, што постигнува три или повеќе голови во Бундес-лигата.
Вториот гол за Лајпциг (прв за него сезонава) го постигна Џастин Клајверт, синот на попознатиот Патрик, кој е позајмен играч од Рома. Тој е 11-от играч што постигнува гол за Лајпциг сезонава, најмногу од сите тимови во Лигата.
Баерн на 10-те меча сезонава во Бундес-лигата веќе постигна 34 гола (прими 16), што е најефикасен почеток на сезоната во клупската историја, и е на лидерската позиција со 23 бода, два повеќе од Лајпциг, кој немаше постигнато ниту еден гол на претходните четири меча на гости против Баерн.