Ова е правилна одлука. Ќе продолжиме да се залагаме за натамошни иновативни начини за намалување на оптоварувањата и за заштита на нивното здравје, вели генералниот секретар на ФИФПРО, Јонас Баер-Хофман

УЕФА ДОЗВОЛИ ПО ПЕТ ЗАМЕНИ И ВО НОВАТА СЕЗОНА

Европската фудбалска унија (УЕФА) и сезонава ќе им дозволува по пет измени на тимовите на секој натпревар, наместо три, во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ). Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, на прес-конференцијата по состанокот на Извршниот комитет (ИК) рече дека правилото ќе важи и за Лигата на нациите (ЛН) и плејоф-мечевите за пласман на Европското првенство (ЕП), како и во квалификациите за ЕП и во ЛШ за жени.
Зголемениот број на замени беше воведен во текот на минатата сезона за да им се олесни на играчите по тримесечниот прекин на сезоната предизвикан од пандемијата на ковид-19.

– Ова е правилна одлука и добар прв чекор за олеснување на притисокот врз врвните фудбалери. Ќе продолжиме да се залагаме за натамошни иновативни начини за намалување на оптоварувањата и за заштита на нивното здравје – ја пренесува „Ројтерс“ изјавата на генералниот секретар на Светската асоцијација на играчи (ФИФПРО), Јонас Баер-Хофман.
Чеферин соопшти и дека финалето на ЛН ќе се игра во октомври в година. Италија, Холандија и Полска се заинтересирани да бидат домаќини на тие натпревари. УЕФА, исто така, одлучи во март и во септември, во термините за квалификациските натпревари за Светското првенство (СП) во 2022 година да се играат по три натпревари наместо вообичаените два, за да се компензираат загубените термини за време на прекинот поради коронавирусот.