Досега само четири тима играле меч за европската титула на својот стадион, но домаќинот нема победа од 1965 година, кога славел Интер. Финалето на ЛШ сезонава треба да се игра на стадионот на Атлетико „Ванда метрополитано“
Атлетико Мадрид може да стане само петтиот тим што ќе игра на домашен терен финале на фудбалската Лига на шампионите (порано Куп на шампионите), а потоа да прекине и една непријатна полувековна традиција на домаќините. Финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) сезонава треба да се игра на новиот стадион на Атлетико, „Ванда метрополитано“.
Досега само четири тима играле меч за европската титула на својот стадион. Последен што славел титула на домашен терен е Интер во 1965 година (со 1-0 против Бенфика, на стадионот во Милано). Првиот што победи дома, пак, е Реал Мадрид, во 1957 година (со 2-0 над Фиорентина, на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид). Подоцна уште два тима играа финален меч дома, но на ист начин не го освоија трофејот. Прво Рома во 1984 година на пенали загуби од Ливерпул во дуелот на Олимпискиот стадион во Рим. Со удари од белата точка загуби и Баерн, во 2012 година, одново од англиски клуб, Челси, во финалето што се играше на стадионот „Алијанц“ во Минхен.
Уште осум финалиња се играле во земјата на еден од финалистите, но не на матичниот стадион. Така, на англискиот „Вембли“ победија Манчестер јунајтед (4-1 со Бенфика) во 1968 година и Ливерпул (1-0 со Бриж) во 1978 година, а загуби Манчестер јунајтед (од Барселона со 1-3) во 2011 година.
Во други земји, на победничката страна во финалиња беа Ајакс од Амстердам во 1972 година (2-0 со Интер) на стадионот „Де Кајп“ во Ротердам, Јувентус од Торино (на пенали против Ајакс) на Олимпискиот стадион во Рим во 1996 година и Борусија Дортмунд (3-1 против Јувентус) на Олимпискиот стадион во Минхен. Француски Ремс, пак, во 1956 година загуби на „Паркот на принцовите“ во Париз (од Реал со 3-4), како и Барселона во 1986 година (0-2 на пенали од Стеауа) на стадионот „Рамон Писхуан“ во Севилја. Последен тим што победил во финале во својата земја е Борусија Дортмунд во 1997 година. Во оваа категорија (играње финале во својата земја, но не на својот стадион) сезонава можат да влезат и Реал Мадрид и Барселона, кои, исто така, се пласираа во осминафиналето.