ИФФХС листата ја прави според коефициентот за резултатите на тимовите во најсилните меѓународни натпреварувања, како и во домашните мечеви. Од 2016 година се намалува бројот на европските екипи меѓу најдобрите 10 во рангирањето
Шпанскиот прволигаш Атлетико Мадрид е најуспешниот клуб на светот за 2018 година, објави Интернационалната федерација за фудбалска историја и статистика (ИФФХС). Освојувачот на Лига Европа за минатата сезона на светската листа го надмина градскиот ривал Реал Мадрид, кој беше прогласен за најуспешен во 2017 година. Годинава трет во рангирањето е австрискиот Салцбург, пред шпанската Барселона и италијанскиот Јувентус.
Атлетико, секако, е прв и во европското рангирање, а во другите конфедерации на Светската фудбалска федерација (ФИФА) водечки се новозеландскиот Тим Велингтон (Океанија), египетскиот Ал ахли (Африка), јужнокорејскиот Јеонбук (Азија), мексиканскиот Америка Мексико (Северна Америка) и бразилскиот Палмеирас (Јужна Америка).
ИФФХС листата ја прави според коефициентот за победите, нерешените резултати и за поразите на тимовите во најсилните меѓународни натпреварувања, како што се континенталните купови и суперкупови и светското клупско првенство (посебно бодување имаат мечевите до финалето и финалето).
На пример, најмногу вредат поените од финалето на клупското СП, а потоа Лигата на шампионите на Европа, Суперкупот на Европа, Копа Либертадорес и дуелите до финалето на клупскиот мундијал.
Потоа, предвид се земаат резултатите во домашните натпреварувања (првенство, куп и суперкуп), секоја земја со свој коефициент, во зависност од пласманот на лигата во другото рангирање на ИФФХС.
Последниве три години се намалува бројот на европските екипи меѓу најдобрите 10 во рангирањето. Така, во 2016 година девет беа од Европа, а еден од Јужна Америка, и тоа тогаш најдобриот, Атлетико национал од Колумбија. Во 2017 година од првите десет тима осум беа од Европа, вклучувајќи го и најуспешниот за таа година, Реал Мадрид, како и два од Јужна Америка. За листата за 2018 година шест тима се од Европа (првите пет и деветтопласираната) и четири од Јужна Америка.