Четиригодишното чекање помеѓу големите турнири е предолго за играчите, вели поранешниот манаџер на Арсенал, сега главен советник на ФИФА за глобален развој, Венгер, кој е и за укинување на Лигата на нациите, преку која Македонија се пласира во завршницата на ЕП летово, а вели и дека ФИФА треба сериозно да размисли и за промени во квалификациските формати за големите настани, да ги намали паузите во текот на сезоната, како и да се утврдат јасни термини за одмор на фудбалерите

Французинот Арсен Венгер, поранешниот манаџер на англискиот премиерлигаш Арсенал, сега главен советник на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за глобален развој, заговара светските првенство (СП) и европските првенства (ЕП) да се играат секои две години и да се укинат сите други натпреварувања, затоа што, според него, четиригодишното чекање помеѓу големите турнири е предолго за играчите. Венгер (71) повикува и на укинување на Лигата на нациите (ЛН) преку која Македонија се пласира на ЕП летово, за да се ослободат термини, објави „БеИн спорт“.
– Треба да се организираат само значајни натпреварувања. Исфрлете ги сите паралелни натпреварувања. Ако ги погледнете репрезентациите на светските првенства, обично просечната возраст е 27 или 28 години. Бидејќи СП е на секои четири години, постојат мали шанси повторно да се освои затоа што кога играчите ќе се вратат на следното, имаат по 32 или 33 години. Затоа можеби треба да организираме СП на секои две, наместо на четири години – вели Венгер.
Фудбалските мундијали се одржуваат секои четири години од првиот турнир во 1930 година, а и европските првенства се одржуваат секои четири години, од 1960 година. Венгер вели дека ФИФА треба сериозно да размисли и за промени во квалификациските формати за големите настани, да ги намали паузите во текот на сезоната, како и да се утврдат јасни термини за одмор на фудбалерите.
– Верувам дека е потребно, поради физичките напори на кои се изложени, играчите да имаат четири недели одмор. Исто така, наместо паузи во октомври, ноември, септември, март, јуни, треба да ги регрупираме квалификациите во еден месец или во два термина, во октомври и во февруари. Во меѓувреме играчите ќе можат целосно да им се посветат на обврските во клубовите – рече Венгер.


БЛАГОЈА МИЛЕВСКИ, СЕЛЕКТОР НА МЛАДАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА

Лигата на нациите не треба да се укинува

Јас сум против укинување на Лигата на нациите, бидејќи досега се покажа како добро решение. Таа им е од корист на посилните фудбалски нации, кои низ тие натпревари практично се подготвуваат за посилните турнири за светско (СП) или за европско првенство (ЕП). Да не зборуваме за условно кажано послабите земји, како што е Македонија, која токму преку ЛН доби и ја искористи шансата да се најде на ЕП 2020, вели селекторот на младата репрезентација на Македонија за фудбалери до 21 година, Благоја Милевски, за предлогот на Арсен Венгер, главниот советник на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за глобален развој.
Во минатите месеци Венгер заговараше и промени во правилото за офсајд. Според него, офсајд треба да се досуди доколку напаѓачот е целосно пред последниот одбранбен играч, за да се избегнат конфузиите и повлекувањето милиметарски линии и пресметување дали и со кој дел од телото напаѓачот бил во офсајд.
Околу неговите предлози расправаше и Интернационалниот фудбалски борд (ИФАБ), телото на ФИФА задолжено за промени во правилата во фудбалот, и наскоро се очекува да почнат тестирањата.

– Да, треба нешто да се менува. Тоа со милиметрите, било, не било офсајд, па прегледување на снимката што трае со минути, им оди на сите на нерви, од играчите, тренерите, до навивачите и на некој начин го „убива“ фудбалот. Но јас сум за системот ВАР, тој помага да се избегнат поголеми пропусти како порано, со тоа што да се утврдуваат поцврсти критериуми, како за офсајдите така и за играњето со рака и друго. Не би требало да се случува судиите за речиси идентични прекршоци да донесуваат сосема различни одлуки – вели Милевски, кој со репрезентацијата на Македонија вчера замина за Анталија каде што неделава треба да одигра три контролни натпревари, со репрезентациите на Казахстан, Словачка и на Бугарија.