Диего Марадона беше погребан далеку од очите на јавноста, а во ковчегот го немало срцето на славниот фудбалер. Оваа информација ја пренесува угледниот аргентински весник „Кларин“ повикувајќи се на извори блиски на истрагата. Таа е покрената штом се дозна дека фудбалерот починал во својот дом каде се опоравуваше по операцијата на главата.
Според информациите на изворот, лекарите при обдукцијата забележале дека срцето на Марадона е многу поголемо од очекувањата, па во договор со семејството, го земале за дополнителни испитувања.
Пет патолози утврдиле дека Марадона починал од срцев удар. Тие истакнаа дека во прашање е „конгестивна и хронична срцева инсуфициенца“. Тој проблем довел до „акутен едем на белите дробови што потоа го предизвикало смртниот исход“ соопштија медицинските служби по обдукцијата.
Сепак, она што не и било соопштено на јавноста е дека срцето на легендарниот фудбалер, при обдукцијата, било абнормално големо.
– Срцето на Диего затоа е извадено и сочувано за понатамошни испитувања затоа што се испоставило дека е двојно поголемо од тоа што обично е – објави „Кларин“ повикувајќи се на извори од истрагата.