Во моментов никој не може со сигурност да каже кога повторно ќе се рестартира овој спорт, најмалку за мечеви без публика, пишува агенцијата АФП. Суспендирани се речиси сите европски лиги, во меѓувреме „настрадаа“ и Европското првенство и Копа Америка, кои се одложени за идната година, во многу клубови беа намалени платите… Многумина се прашуваат и дали фудбалот ќе биде променет поради финансиското влијание на кризата

ЕДЕН МЕСЕЦ ПАУЗА ВО СВЕТОТ НА СПОРТОТ

Помина еден месец од одигрувањето на последните фудбалски натпревари пред преполни стадиони во Европа, а хаосот предизвикан од пандемијата на коронавирусот значи дека во моментов никој не може со сигурност да каже кога повторно ќе се рестартира овој спорт, најмалку за мечеви без публика, пишува агенцијата АФП.
Во изминатиот период се суспендирани речиси сите европски лиги, во меѓувреме „настрадаа“ и Европското првенство (ЕП) и Копа Америка, кои наместо летово, треба да се одржат в година, неколку фудбалери и тренери беа позитивни на коронавирусот, во многу клубови беа намалени платите…
Сега, и доколку работите се придвижат во добра насока, ќе поминат најмалку уште неколку недели до евентуално продолжување на првенствата, најверојатно без публика.

Тоа што го кажа менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, кога сезоната во Премиер-лигата беше суспендирана на 13 март, дека „фудбалот и фудбалските натпревари навистина не се воопшто важни“, сѐ уште е актуелно, иако неговиот клуб е меѓу најтешко погодените од суспензијата, со оглед дека практично веќе ја има освоено титулата, првпат по 30 години. Фудбалот во Англија нема да се врати сѐ додека не биде „безбедно и соодветно“ да се стори тоа, соопштија тамошните власти.
Но Европската фудбалска унија е оптимист во врска со изгледите за завршување на сезоната и работи на можностите да се игра во јули и во август, доколку има потреба за такво нешто, што значи дека за прекин на сезоната не се размислува, барем засега. Во Светската фудбалска федерација (ФИФА) се малку поумерени и бараат начини како да се намалат штетите за играчите, клубовите, лигите.

ФИФА, која има многу пари во „резерва“, најави дека тие „не се на ФИФА туку на фудбалот“ и оти ќе бидат искористени како помош.
– Ниту еден натпревар, ниту едно натпреварување, ниту една лига не е вредна за да се ризикува ниту еден човечки живот. Би било повеќе од неодговорно да продолжат натпреварите доколку работите не се 100 проценти безбедни – вели претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
Моментната ситуација ги погодува и играчите, кои се заглавени дома и се обидуваат да ги реализираат фитнес-програмите од тренерите во затворен простор, во импровизирани вежбалници или во дворовите.
Многумина се прашуваат и дали фудбалот ќе биде променет поради финансиското влијание на кризата.

– Економијата ќе биде различна, исто така и фудбалот. Можеби ќе биде подобро – изјави менаџерот на Евертон, Карло Анчелоти, за италијанскиот „Кориере дело спорт“, пренесува АФП.
Најголемиот проблем со кој се соочуваат врвните клубови во Англија, но и во другите европски лиги, е недостигот од пари што ги добиваат од ТВ-компаниите. Тоа е во суштината на нивните очајнички обиди да се заврши сезоната. Според некои процени, во Англија загубата на клубовите од Премиер-лигата само од ТВ-компаниите, доколку не ги доиграат натпреварите, ќе изнесува 762 милиони фунти (околу 950 милиони долари).