САД ја совладаа Шведска со 3-2, а Андоновски изјави дека првата победа на кормилото на САД за него била „восхитувачка“
Фудбалерките на САД, актуелните светски првенки, на селекторското деби на Македонецот Влатко Андоновски, забележаа победа над Шведска од 3-2 во пријателскиот меч во Колумбус, Охајо.
– Знаевме што сакаме да направиме и мислам дека направивме добра работа контролирајќи ја играта во дефанзива. Единствената работа што мислев дека можеме да ја направиме подобро, и го сторивме тоа во второто полувреме, е да го поместиме блокот малку повисоко. Очигледно ќе ни биде потребно уште малку време за да ги усогласиме сите работи – изјави Андоновски.
Во селекцијата на САД немаше некои од најдобрите фудбалерки, меѓу кои Меган Рапино и Алекс Морган. Следен меч за Американките е дуелот со Костарика, на 10 ноември во Џексонвил, Флорида.
Андоновски на 28 октомври стана деветтиот американски селектор по повлекувањето на Џил Елис, која со 106-те победи е најуспешна во американската фудбалска историја, и прва со две титули светски првак.
Андоновски, кој потекнува од Скопје, по доаѓањето во САД во 2000-та играше фудбал во сала. Потоа седум сезони беше тренер на женскиот тим на Канзас сити и освои две шампионски титули (2013 и 2015). Две години, од 2017 до 2019-та, тој беше тренер на Реин, Сиетл.
Андоновски беше смирен по победата, но и истакна дека првата победа на кормилото на САД била „восхитувачка“.
– Бев возбуден поради тимот, тие беа возбудени за мене. Мора да се поправиме особено како во ситуациите кога ги примивме двата гола. Луѓето што ме познаваат знаат дека не сум среќен кога ќе примиме гол – истакнува Андоновски.