На Македонија во квалификациите за ЕП 2020 ѝ преостануваат уште две средби, со Австрија на гости (16 ноември) и со Израел дома (19-ти)

На фудбалската репрезентација на Македонија, која ги загуби речиси сите шанси за пласман во завршницата на Европското првенство (ЕП) во 2020 година преку квалификациите, ѝ преостанува да ги одигра последните два меча во групата Г, на гости против Австрија, во Виена, на 16 ноември, и на домашен терен во Скопје, против Израел, три дена подоцна. Селекторот Игор Ангеловски за петок најави објавување на списокот на фудбалери на кои ќе се смета за тие средби.

– Илија Несторовски, Бобан Николов и Висар Муслиу ќе бидат на списокот, но поради жолтите картони не се во комбинација за првиот меч против Австрија. Освен тоа, дополнителен проблем се многуте повреди на кои се жалат некои играчи, како Аријан Адеми, Егзон Бејтулаи, Ѓорги Стоилов, Љупче Дориев. Некои од нив најверојатно ќе отпаднат, но ќе почекам уште ден-два за да видам на кого сѐ ќе можам да сметам, што значи и дека списокот ќе претрпи измени. Реално, за Македонија квалификациите за ЕП 2020 се завршени, но тоа не значи дека не ги сфаќаме сериозно овие натпревари. Напротив, ќе се обидеме да одиграме најдобро што се може со расположливите сили и да постигнеме добри резултати – вели Ангеловски, додавајќи дека за плејофот во Лигата на нациите (ЛН) во март идната година, на кои Македонија е сигурен учесник, допрва ќе се размислува и ќе се подготвува, по завршувањето на квалификациите за континенталното првенство.

Минатиот викенд селекторот Ангеловски беше во Италија и го следеше мечот од Серија А, Џенова – Удинезе (1-3), меѓу тимовите во кои настапуваат македонски репрезентативци, капитенот Горан Пандев, кој го постигна единствениот гол за Џенова, и Илија Несторовски во дресот на Удинезе.

– Се чувствував многу пријатно, гледав меч во кој меѓу најдобрите, ако не и најдобри фудбалери на теренот, беа токму Пандев и Несторовски. Тие се во добра форма, стандардни се во нивните тимови, играат во една од најсилните европски лиги и посакувам така да продолжат и во иднина, во клубовите и во репрезентацијата на Македонија – вели Ангеловски. 


Ждрепката за ЕП 2020 на 30 ноември во Букурешт

Ждрепката за натпреварите на финалниот турнир на фудбалското Европско првенство (ЕП) во 2020 година ќе се влече на 30 ноември во Букурешт, Романија. На ЕП ќе се пласираат двете првопласирани репрезентации од 10-те групи (вкупно 20), плус победниците во четирите плејоф-мечеви во Лигата на нации (ЛН), напролет. Носителите на групи (барабани) ќе бидат одредени според ранг-листата на УЕФА и постигнувањата во квалификациите. Можна е повторена ждрепка по завршувањето на плејоф-дуелите во ЛН во март 2020-та.
Репрезентациите, вкупно 24, ќе бидат поделени во шест групи, а натпреварите првпат во историјата на ЕП ќе се играат во 12 града, во 12 земји. ЕП 2020 треба да почне на 12 јуни во Рим и да заврши на 12 јули, со одигрувањето на финалето, на стадионот „Вембли“ во Лондон.
По осум кола, шест селекции обезбедија место на ЕП 2020, и тоа Белгија, Италија, Полска, Русија, Шпанија и Украина.


ГРУПА Г
Австрија – Македонија 16.11
Македонија – Израел 19.11
ТАБЕЛА
Полска 8 6 1 1 13-2 19
Австрија 8 5 1 2 17-7 16
Македонија 8 3 2 3 10-11 11
Словенија 8 3 2 3 13-8 11
Израел 8 3 2 3 15-15 11
Летонија 8 0 0 8 2-27 0