Ќе играме против Полска, не против Левандовски или Пјонтек, што значи дека ќе мораме да одиграме тимски и максимално ангажирано. Не се сомневам дека македонските фудбалери, кои се крајно мотивирани, ќе дадат сѐ од себе на овој меч, вели селекторот пред вечерашниот меч против Полска во квалификациите за ЕП 2020
Играме против многу силна репрезентација, но мислам дека не е важно против кого играме, туку како ќе играме ние. Како и на минатите натпревари, нема да ја менуваме концепцијата, ќе играме офанзивно и агресивно и се надевам дека на тој начин ќе успееме да забележиме позитивен резултат против Полска. На минатите два меча освоиме четири бода, но се обидуваме да размислуваме како сега да почнуваат квалификациите, изјави селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски пред вечерашниот квалификациски меч (арена „Тодор Проески“, 20.45 часот) од третото коло, за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година.
Македонија е во одлична резултатска серија, забележа победи на шесте претходни меча на домашен терен, притоа постигна дури 19, а прими само два гола. Но Полска е нешто сосема друго, станува збор за една од најдобрите европски, па и светски селекции, во која настапуваат повеќе врвни и искусни фудбалери, предводени од капитенот Роберт Левандовски, напаѓачот на германскиот шампион, Баерн. Покрај него, од италијанската Серија А, се Аркадиуш Милик и Пјотр Зјелински од Наполи, па Кжиштоф Пјонтек од Милан и фудбалери што настапуваат во силни европски клубови.
– Ќе играме против Полска, не против Левандовски или Пјонтек, што значи дека ќе мораме да одиграме тимски и максимално ангажирано. Не се сомневам дека македонските фудбалери, кои се крајно мотивирани ќе дадат сѐ од себе на овој натпревар и со помошта на навивачите од трибините ќе стигнеме до добар резултат – вели Ангеловски.
Во македонскиот состав нема повредени или суспендирани што значи дека Ангеловски ќе ги има на располагање сите расположливи сили, предводени од најискусниот, капитенот Горан Пандев.
– Атмосфера во репрезентацијата е одлична, расположени сме, мотивирани, ќе играме против силна репрезентација. Ќе биде тешко, но јас сум оптимист и мислам дека имаме шанси за победа. Полска има силен тим, но и ние имаме свои квалитети и адути. Доколку забележиме победа на овој меч тогаш ни се отвора патот за пласман на ЕП. Мислам дека оваа генерација фудбалери е најдобрата од сите за кои сум настапувал, има победнички менталитет и е зрела за настап на финален турнир на ЕП – рече Пандев.
На првите два меча во квалификациите во март, Македонија забележа победа над Летонија во Скопје (3-1) и ремизира на гости со Словенија (1-1), и е трета со четири бода. Полјаците се со максимален ефект, две победи, една на гости над Австрија (1-0) и една над Летонија дома (2-0) и се на лидерската позиција со шест бода. Во групата Г вечерва се играат уште два натпревара, Австрија – Словенија и Летонија – Израел.