Фото: ЕПА

Тренерот Флик изгради тим, а ниту еден друг голем тим во Европа не игра како Барселона. Голманот покрива половина терен, одбраната зазема позиција на средишната линија, а играчите од средниот ред и напаѓачите силно го притискаат противникот за да го принудат на грешки. Тие имаат просечен посед на топката од 67 отсто, а просечната стапка на комплетирани додавања на нивните противници е најниска меѓу најдобрите пет европски лиги. Во средината на планот на Флик е посветеноста на офсајд-стапицата во која фудбалерите на Барселона фатија најмногу противници од кој било клуб

Барселона сезонава со својата игра постигна повеќе голови од кој било друг тим во најдобрите пет европски лиги, фати најмногу противници во офсајд-стапица од кој било клуб, а тимот обезбеди директен пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите уште пред осмото коло и е трет во Ла лига. Роберт Левандовски уште е брилијантен со 36 години, води на листата на стрелците во Ла лига и во Лигата на шампионите, Рафиња се претвори во еден од најдобрите играчи во светот, статистиката за додавања на Педри е на високо ниво, а Ламин Јамал го продолжува својот чекор кон фудбалска величина, пишува британски „Индепендент“.
Тренерот Ханси Флик изгради тим, а ниту еден друг голем тим во Европа не игра како Барселона. Голманот покрива половина терен, одбраната зазема позиција на средишната линија, а играчите од средниот ред и напаѓачите силно го притискаат противникот за да го принудат на грешки. Тие имаат просечно 67 отсто посед на топката, а просечната стапка на комплетирани додавања на нивните противници е најниска меѓу најдобрите пет европски лиги, пишува „Индепендент“.
Во средината на планот на Флик е посветеноста на офсајд-стапицата. Најмногу офсајди акумулирани од која било одбрана во Премиер-лигата има Брајтон со 65, а во Бундеслигата тоа е Штутгарт со 54. Барселона сезонава предизвика 115 офсајди во Ла лига, со извежбана одбрана што остава простор од 50 метри зад себе.
– Изгледа опасно, но не е опасно – вели Флик.
Тој отсекогаш го прифаќаше стилот на надигрување и тоа донесе голем успех во Баерн, но ова е нешто сосема поекспериментално, пишува „Индепендент“. Методите на Флик бараат целосна посветеност.
– Секој што ќе заостане за еден метар ќе го заменам – им рече тој на своите играчи на полувремето на стадионот „Сантијаго Бернабеу“, пренесе „Индепендент“.
Тоа е една од највпечатливите еволуции на играта во ерата на ВАР, трик со висок ризик овозможен со полуавтоматизираната офсајд-технологија на Ла лига, која ги детектира најситните детали. Некои од офсајдите на Реал Мадрид на тој меч се сведоа на неколку сантиметри, но тоа не беше среќа, репризите покажаа како 18-годишниот централен бек на Барса, Пау Кубарси, го подреди своето трчање само за момент, доволно време за напаѓачот да влезе предалеку во офсајд, со половина торзо, пишува „Индепендент“.

Еден проблем, според Флик, е што помошните судии ретко го креваат своето знаме за нејасни ситуации, а тоа значи дека неговите одбранбени играчи трошат енергија во бркањето играчи назад пред знамето на крајот да биде кренато. Но тој има уште еден предизвик, а тоа е дека противниците сѐ повеќе имаат инвентивни начини да ја пробијат високата линија на Барселона, која се покажа подложна на два напада особено. Првиот е она што напаѓачот на Реал Сосиедад, Таке Кубо, го нарече „секундарно трчање од средината“, како што објасни по нивната победа над Барселона во ноември.
– Работевме на нивната висока линија. Не сум сигурен дека го земаат предвид залетот од втората линија, играчите од средниот ред, дури и дефанзивниот играч за врска… Мислам дека тие ситуации се тешки за нив затоа што ја запираат линијата гледајќи го напаѓачот или крилата – изјави тој за ЕСПН.
Вториот е налет на крило зад бековите на Барселона, особено во контранапад. Осасуна и Лас Палмас остварија првенствени победи на дуели со Барселона со голови постигнати од просторот што бекот го ослободи…
Неодамнешната серија од една победа во лигата на седум меча донесе преглед на тактиката на Флик. Кога Барселона овозможува шанса, таа често е „еден на еден“, просечниот „очекуван гол“ по шут против нејзиниот гол од 0,13 е највисок во Ла лига. Но тренерот ја отфрла идејата дека Барселона е „откриена“, сугерирајќи дека неговите заморени играчи од средниот ред не можат да притиснат со брзината што ја имаа претходно во сезоната.
Така беше сезонава, тимовите или го пробиваат ѕидот на Барса или се скршуваат. Оцената за тактичкиот експеримент на Флик ќе дојде со нивниот број на трофеи, а дали неговата офсајд-стапица ќе биде имитирана од други може да зависи од тоа дали тој ќе успее да ја стави во функција на сцена како финале на Лигата на шампионите, пишува „Индепендент“. Она што е непобитно е дека Барселона е најзабавниот тим во Европа во моментов, играјќи бренд на фудбал на двата краја на теренот, кој не одговара на конвенциите. Модерниот фудбал се соочува со сѐ погласни критики дека е еден хомоген тактички рецепт, создаден во лабораторија од Пеп Гвардиола и следен од секој аспирантен млад тренер, но во клубот каде што Гвардиола го прослави своето име, еден друг менаџер можеби повторно го менува изгледот на фудбалот, пишува „Индепендент“. Н.М.